Јан ван Ејк
Јан ван Ејк | |
---|---|
Портрет на човек со турбан (всушност шаперон), веројатно автопортрет (1433). | |
Националност | Фламанец |
Познат(а) по | сликарство |
Значајни дела | Околу 25 слики |
Правец | рана ренесанса |
Покровители | Јован Баварски, Филип Добриот |
Јан ван Ејк (хол. Jan van Eyck; ~ 1385 – пред 9 јули 1441) — ранофламански сликар од XV век, многу славен во своето време. Историографот Џорџо Вазари грешно нѐ информира дека ван Ејк го измислил масленото сликарство и оваа заблуда и ден денес е широко распространета.
Јан бил член на сликарското семејство ван Ејк и бил помлад брат на сликарот Хуберт ван Ејк. Друг негов брат, Ламбер ван Ејк се споменува во дворски документи од Бургундија и се мисли дека и тој бил сликар.
Датумот на раѓање на Јан не е познат. Првиот запис за него од дворот на војводата Јован Баварски во Хаг. Тој датира од 1422 и споменува плаќање на Јан како дворски сликар, што укажува на фактот дека тој не можел да биде роден подоцна од 1395 (веројатно е роден доста пред тоа).
По смртта на Јован Баварски во 1425 Јан влегол во службата на моќниот и влијателен Валојски принц, војводата Филип Добриот. Јан живеел во Лил една година, а потоа се преселил во Брухе, каде живеел сè до неговата смрт во 1440. Разни документи издадени во 20 век сведочат за разните услуги на дворот. Во име на војводата Јан бил пратен на неколку мисии и работел на неколку проекти во кои веројатно се работело за повеќе од сликање. Со исклучок на два портрета на португалската кралица Изабела[1], кои Јан ги насликал во име на Филип како подарок во рамките на делегацијата пратена во 1428-9 за да ѝ ја бараат раката, точната природа на овие дела е нејасна. Ниедно од нив не е сочувано денес.
Како сликар и „valet de chambre“ на војводата, Јан ван Ејк бил извонредно добро платен. Тој уште од почетокот добивал огромна плата која следната година била удвоена задно со сите други бонуси кои ги добивал. Друга индикација на тоа дека како уметник и личност тој бил екстремно ценет наоѓаме во 1435 во кој војводата објаснува дека доколку Јан го напушти, тој никогаш не би можел да најде рамен на него. Војводата исто така бил и кум на Јановите деца, ја издржувал неговата жена-вдовица по неговата смрт и години подоцна ѝ помогнал на една од Јановите ќерки со финансирањето на нејзинот влез во еден манастир.
Денеска Јан ван Ејк е познат по своите слики насликани за приватна клиентела како хонорарна работа како додаток на неговата дворска работа. Најпознати од овие се Гентскиот олтар насликан за Јост Вејтс и неговата сопруга Катерина Борлут. Делото е започнато нешто пред 1426 и завршено, макар делумно, до 1432. Овој полиптих е можеби најимпресивното уметничко дело во Европа денес. Истото сѐ уште се чува на неговата првобитна локација, катедралата Св. Баво во Гент, Белгија. Делото има бурна историја, преживувајќи ги иконоборните бунтови во 16 век, Француската револуција, променливите вкусови кои воделе до распрснување, и грабежите на нацистите. По Втората светска војна делото било пронајдено во рудник за сол и приказната за неговата реставрација пробудила значителен интерес кај јавноста и многу придонела до напредокот на научните приоди кон сликарството. Не помалку бурна била и историјата на толкувањето на ова дело. Олтарот е изработен не само од Јан, туку и од брат му Хуберт, така што сѐ уште не е сигурно кој насликал што. Некои историчари на уметноста дури и не веруваат дека брат му на Јан воопшто придонел во ова дело.
Јан бил исклучок во своето време во тоа што ставал потпис и датум на своите слики, обично на рамката, која во тоа време се сметала за целина заедно со сликата (двете честопати биле сликани заедно). Еден познат исклучок од ова правило е сликата Портрет на Арнолфините (Лондон, Национална галерија) која може да се види погоре, каде Јан на ѕидот во позадината на делото испишал: „Johannes de Eyck fuit hic 1434“ (Јан ван Ејк беше овде, 1434). Оваа слика исто така претставува енигма за стручњаците до ден денес, но повеќе распоространети толкувања веќе се отфрлени. Ова не е насликана венчаница, или запис за нечие ветување. Жената не е трудна, бидејќи овој гест со раката се јавува и на други слики од тоа време.
Други исклучителни дела се плочата-паметник, „Богородица со канцеларот Ролин“ (Париз, Лувр), и „Богородица со каноникот ван дер Пеле“ (Брухе, Грениншки музеј), извесни други религиозни слики и ред други неверојатни портрети, вклучувајќи го и потретот на неговата жена, Маргарет (Брухе, Грениншки музеј и претпоставениот автопортрет, „Портрет на човек со турбан“ (Лондон, Национална галерија). Многу други дела сè уште не се потврдени, или се верува дека се дела на неговите помошници или следбеници.
Во најважниот ран извор за него, биографијата од хуманистот Бартоломео Фачо во 1454 (De viris illustribus), Јан ван Ејк се смета за „водечки сликар во своето време“. Овој текст разјаснува некои работи за неговите дела кои инаку се нејасни, споменувајќи сцена со капење како и карта на светот која Јан ја насликал за Филип Добриот. Фачо исто така кажува дека Јан бил учен човек и дека може да се види ги прочитал класиците, особено текстовите на Плиниј Постариот на тема сликарство. Ова може да се потврди со неговите латински натписи кои ги пишувале само образувани луѓе, како и фактот што тој знаел латински кога бил во дипломатска служба на војводата.
ван Ејк умира во Брухе во 1441 и бил закопан во црквата Свет Дар (уништена за време на Француската револуција).
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Гентски олтар
- Портрет на Арнолфините
- Рано фламанско сликарство
- Раноренесансно сликарство
- Список на фламански уметници
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ See M. Parada Lopez de Corselas, El viaje de Jan van Eyck de Flandes a Granada (1428–1429), Madrid: La Ergastula, 2016 ISBN 978-84-16242-20-7
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Јан ван Ејк“ на Ризницата ? |
- Јан ван Ејк на Олгината галерија (англиски)
- Разни дела (англиски)