Берлински конгрес
Берлинскиот конгрес (13 јуни — 13 јули 1878) — средба на државните претставници на тогашните европски големи сили и Отоманското Царство, која се одржала во Берлин во 1878 година, после завршувањето на Руско-турската војна, 1877-1878. На конгресот се расправало за новонастанатите услови на Балканот. Претседавач на конгресот бил Ото фон Бизмарк.
Цели на Конгресот
[уреди | уреди извор]Некои од големите сили, особено Австроунгарија, Британија и Франција, не биле задоволни со содржината на Санстефанскиот договор, кој бил склучен помеѓу Русија и Турција во март истата година. Причината за незадоволството била што тие сметале дека на Русија ѝ биле дадени преголеми отстапки, особено излез на Егејското Море до Солун и Кавала преку бугарска територија. Поради тоа, под закана со војна, тие го иницирале новиот мировен состанок. Конгресот имал за цел да изврши ревизија на Санстефанскиот договор и да го спречи ширењето на руското влијание на Балканот. На инсистирање на Русија, Бугарија не учествувала на Берлинскиот конгрес.[1]
Исцрпени од претходната меѓусебна војна, Турција и Русија прифатиле одржување на нов мировен конгрес, кој го организирала Германија на чело со Бизмарк.
Одлуки од Конгресот
[уреди | уреди извор]На Конгресот се одлучило:
- на Отоманското Царство да ѝ се вратат во владение териториите на Македонија и Одринска Тракија од Санстефанска Бугарија кои ѝ биле одземени со Санстефанскиот договор во полза на Бугарија. Исто така, според претходно склучени во Руско-британски договор (од 30 мај 1878 година), територијата на Бугарија е околу трипати намалена од предвидената во Санстефанскиот договор (било решено Бугарија да се простира на територијата која се наоѓа само северно од Стара Планина).
- Од остатокот од територијата на Санстефанска Бугарија, односно Источна Румелија потпаднала под турска власт и се здобила со статус на автономна област;
- Србија, Црна Гора и Романија да добијат независност;[2]
- Бугарија добила статус на вазално кнежевство во рамките на Отоманското Царство;
- Кипар ѝ бил доделен на Велика Британија;
- Босна и Херцеговина ѝ била доделена на Австроунгарија.
На овој начин моќта на Отоманското Царство во Европа и Азија била значително намалена. Влијанието на Руското царство на Балканот исто така се намалило за сметка на зголеменото влијание на Австроунгарија.
На Конгресот се договорил и бил ратификуван Берлинскиот конгрес.
На Конгресот се направила целосна ревизија или биле избришани 18 од вкупно 29 членови на Санстефанскиот договор, и во таа смисла ги исполнил целите.
Иако била основа за стекнување на државен суверенитет на некои од балканските држави, оваа територијална поделба на Балканот не ги решила сите прашања и аспирации, туку испровоцирала понатамошни тензии кои кулминирале со Балканските војни, а подоцна и Првата светска војна.
Учесници
[уреди | уреди извор]На конгресот учествувале претставници од Британската Империја, Австроунгарија, Француската Трета Република, Германското Царство, Руската Империја и Отоманското Царство. Делегати од Грчкото Кралство, Романското Кралство, Србија и Црна Гора биле присутни на конгресните сесии во кои се расправало за нивните држави, но тие не биле членови на конгресот.
Делегати
[уреди | уреди извор]- Принцот Горчаков
- Грофот Шувалов
- Баронот Убрил
- Монсењор Вадингтон
- Comte de Saint-Vallier
- Monsieur Desprey
- Грофот Корти
- Count De Launay
- Пашата Каратеодор
- Бегот Садулах
- Пашата Мехмет Али
Реперкусии врз Македонија
[уреди | уреди извор]Членот 23 од Берлинскиот конгрес е еден од двата основни документа, кои го определуваат државно-правниот концепт на Македонија од овој период - вториот е Уставот на Македонските востаници од 1878 година.
Овој член, мошне добро ја открива не само играта на големите сили околу Македонија, туку и компромисите што се правени за неа меѓу големите сили и Турција. Тој предвидува Македонија, како турска провинција, да добие свој статут, поточно: устав, што значи, да добие посебен државно-правен статус, како оној на Крит, во рамките на Османлиското Царство. Според тоа, Македонија требало да добие свој гувернер и главен командант, кому би му била доверена командата на војската. Применувајќи ги принципите на територијалната поделба на Крит, Турција била задолжена територијата на Македонија да ја подели на санџаци (околии), чиј број би бил дополнително одреден. Со овие територијално-административни единици би управувале мутасарифи, и тоа половината муслимани, а другата половина христијани, меѓутоа и едните и другите требало да бидат службеници на царската влада. Помошниците на мутасарафите - муслиманите, би биле христијани, а на христијаните - муслимани. Околиите би биле поделени на кази со кои би управувале кајмаками. Органскиот устав на Крит, што значи и идниот устав на Македонија, предвидувал формирање специјален административен совет во секоја територијално-административна единица, составен од по три члена муслимани и три члена христијани. Бидејќи вакви совети се предвидувало да се формираат и во пониските административно-територијални единици, доколку во нив живее исклучително христијанско - односно муслиманско - население, советот би бил составен од шест христијански претставници, односно муслимански. Со советот би раководел раководителот на територијалната администрација.
Подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот конгрес открива дека Македонија, според него, би добила политичка автономија, во која македонскиот народ би имал пошироки можности да го изрази својот национален индивилуалитет отколку што ги имал дотогаш под турска власт.
Оттогаш па натаму идејата за автономија на Македонија ќе биде водечка идеја што ќе го мотивира национално ослободителното и револуционерното движење во земјата, добивајќи во различни услови и различни облици, меѓутоа, секогаш присутна како барање и настојување македонскиот народ да добие свои државно-правни рамки. Автономијата за Македонецот стана идеал на кој тој му ја посвети својата идна борба за национална и политичка слобода и од простата причина што утврдувањето на автономниот државно-правен статус на Македонија беше зацртан во државно-правен акт од меѓународен карактер. На тој начин, за првпат во политичката историја на Македонија нејзе ѝ се признава автономен статус и таа се третира како посебна етничка заедница и територијална единица. Практично, со членот 23 од Берлинскиот конгрес Македонија се конституира како автономна област во своите геополитички и етнички граници во рамките на Османлиското Царство. На овој начин Македонија стана субјект во меѓународните односи и се здоби со признавање како „етнички територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправување“.
Големобугарски аспирации
[уреди | уреди извор]Со Санстефанскиот договор, Бугарија добила огромни територии од Отоманското Царство, вклучувајќи ја целата територија на географска Македонија, но и делови од денешна Србија (Пирот, Врање) и Албанија (Корча). Со Берлинскиот конгрес, оваа ситуација е значајно изменета, при што Источна Румелија повторно станала отоманска провинција, како и Македонија. Исто така, денешни делови од Србија и Романија биле доделени на тие земји.
Иако Санстефанскиот договор живеел само три месеци, тој создал во Бугарија фикција за Голема Бугарија, која иако никогаш не се реализирала, сепак, подоцна ќе биде главен поттикнувач на големобугарските амбиции и сериозен фактор за нестабилноста на Балканот.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Krasner, Stephen D. (1999). Sovereignty: Organized Hypocrisy. Princeton University Press. стр. 165. ISBN 069100711X.
- ↑ Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -н1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 11 - 15.
<ref>
со назив „Krasner“ определена во <references>
групата „“ нема содржина..Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|