Прејди на содржината

Пијано

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пијано
Концертно пијано (лево) и исправено пијано (десно)
Концертно пијано (лево) и исправено пијано (десно)
Концертно пијано (лево) и исправено пијано (десно)
Класификација

{{{classification}}}

Скала
Дијапазон на пијаното
Дијапазон на пијаното

Пијано[1][2] или клавир[3][4]музички инструмент со клавијатура која содржи 88 (52 бели и 36 црни) клавиши чие притискање произведува звуци. И покрај тешката преносливост и висока цена, пијаното е сепак еден од најпрепознатливите и најпопуларните инструменти во светот поради својата повеќенаменска природа во сферите на свирењето и компонирањето.

Со притискање на еден од клавишите на пијаното, обложеното чеканче поврзано со истиот удира по челични жици и потоа веднаш се повлекува за да и дозволи на жицата да трепери. Треперењата преку мост се пренесуваат до резонантната штица која полесно ги спојува воздухот и акустичната енергија и го прави звукот погласен. Регулатор ја запира вибрацијата на жицата и звукот во моментот кога се отпушта клавишот. Пијаното е класифицирано како кордофонски инструмент во Хорнбостел-Заксовиот систем.

Зборот пијано е скратена форма од pianoforte, од италијанскиот збор за инструментот.[5] Одделно, двата збора piano и forte значат тивко и гласно што кореспондира со јачината со која свирачот на инструментот ќе ги притисне клавишите т.е. посилно притискање - погласен звук, послабо притискање - потивок звук.

Историја

[уреди | уреди извор]
Концертното пијано на Луј Ба од Вилнев ле Авињон, Франција, 1781. Најстарото постоечко пијано познато; содржи превртена резонантна штица и механизам на повторување според методот на Бартоломео Кристофори (ca. 1700) и богато украсена штица.
Стара реплика на современиот градител Пол Мекналти инспирирана од пијаната на Walter & Sohn, 1805

Пијаното како изум е изградено врз основа на претходните жичени инструменти како цимбалот. Во текот на средниот век има неколку обиди да се создаде жичен инструмент со клавијатура, а веќе до XVII век механизмот за клавијатура како оној на клавичембалото и чембалото е добро познат. Потребни се неколку векови работење на механизмот на чембалото за да се стигне до ефективни начини за конструирање на кутијата, резонантната штица, мостот и клавијатурата на пијаното.

Бартоломео Кристофори (1655-1731) од Падова, Италија ја добива заслугата за изумот на современото пијано.[6] Големиот кнез од Тоскана, Фердинандо де Меричи го вработува Бартоломео како Чувар на Инструментите, кој веќе е експерт за градење на чембало и поседува големо знаење за жичени инструменти со клавијатура. Не е познато точно кога првпат го гради пијаното, но пописот направен од фамилијата Медичи докажува дека пијаното постои пред 1700 година, а друг не толку веродостоен документ тврди дека пијаното постои уште во 1698 година. Денес преостануваат три Кристофори пијана од 1720-тите.[7][8]

Клавичембалото има одлична контрола на јачината и постојаноста на звукот, но не е доволно гласен за поголеми концерти, додека чембалото има мала контрола на нотите а произведува доволно јак звук. Пијаното е обид за комбинирање на контролата и гласноста од клавичембалото и чембалото во еден инструмент.

Големиот успех на Кристофори е решавањето на основниот механички проблем со дизајнот на пијаното, а тој е дека чеканчето мора да ја удри жицата, но да не остане во контакт со неа бидејќи тоа би го разводенило звукот. Исто така, чеканчето треба да се врати на првобитната позиција полека, а сепак да може една нота да се повтори повеќепати набрзина. Сите методи кои следуваа го искористија механизмот на повторување кај пијаното на Кристофори. Првичните инструменти тој ги прави со потенки жици што резултира со послаб звук од оној на современото пијано, но има поголема јачина и постојаност од клавичембалото.

Новиот инструмент на Кристофори останува незабележан сè додека италијанскиот писател Чипионе Мафеи не го пофалува во една статија со дијаграм од 1711 година.[9] Статијата брзо патува наоколу и следната генерација на градители на пијана ја почнуваат нивната работа следејќи го примерот на Кристофори. Еден од нив е Јохан Готфрид Силберман, кој дотогаш е познат како градител на оргули. Неговите пијана се всушност копии на оние од Кристофори, но со еден многу важен додаток, кој е всушност претходникот на педалата за одржување ноти, со чие притискање се подигнуваат сите регулатори (дампери) од жиците одеднаш.

Силберман му покажува еден од своите првични инструменти на Јохан Себастијан Бах во 1730-тите, но Бах изразува незадоволство со повисоките ноти кои за него биле премногу меки за целосно да го опфатат динамичкиот опсег. Иако тоа ја ослабува нивната соработка, сепак Силберман го користи советот[10] и како возврат Бах го прифаќа неговото пијано од 1747 година, дури и му помага при продажбата на истото.[11]

Во доцниот XVIII век, градењето на пијаната е во голем подем во Виенската класична школа со Јохан Андреас Стајн и градителите Нанет Страјкер и Антон Волтер. Виенските пијана се градат со дрвени структури, две жици по нота и чеканчиња обложени со кожа. На некои од овие виенски пијана боите на клавишите се обратно свртени од тие на современите, односно основните клавиши се црни, а помошните бели.[12] Токму на таков инструмент Волфганг Амадеус Моцарт ги компонира неговите пијано концерти и сонати и изградени се реплики на истите за да се изведуваат поавтентични концерти на неговите познати композиции. Пијаната од времето на Моцарт имаат помеки и по рефинирани тонови од денешните или од англиските пијана, кои имаат послаб звук. Денес, поимот фортепиано се користи за разликување на пијаната од XVIII век од идните пијана.

Современо пијано

[уреди | уреди извор]

Пијаното од Моцартовата ера претрпува огромни измени во периодот од 1790 до 1860 година кои доведоа до денешниот облик на пијаното. Овие измени се појавија како резултат на наклоноста на композиторите и пијанистите кон посилен и попостојан пијано звук, наклоност поткрепена со индустриската револуција која носи висококвалитетни жици за пијаното и поголема прецизност при производството на железните конструкции.[13] Со текот на времето се зголемува и тонскиот осег на пијаното од 5 октави на пијаната од времето на Моцарт до 7 и една третина октави на современите пијана.

Паралелниот механизам на повторување на Broadwood

Раниот технолошки напредок најмногу се должи на фирмата за производство на пијана Broadwood & Sons. Двајцата Шкоти Џон Броудвуд и Роберт Стодарт придружени од Холанѓанецот Америкус Бакерс околу 1777 година го дизајнираат пијаното во кутија на чембало од каде настанало големото пијано. Брзо го градат својот углед за инструменти со моќни тонови и прекрасен изглед и тие се првите кои произведуваат пијана со повеќе од 5 октави,односно 6 октави до 1810 и 7 октави до 1820 година. Им испраќаат пијана на Јозеф Хајдн и Лудвиг ван Бетовен бидејќи тој користи повеќе ноти во своите подоцнежни дела. Виенските градители ги следат истите трендови но на различен начин, Broadwood & Sons гради помоќни пијана додека виенските се понежни.

Парaлелниот метод на повторување на Erard

До 1820 година центарот на иновации се преместува во Париз каде фирмата Плеејел произведува пијана за Фредерик Шопен и фирмата Ерард за Франц Лист. Во 1821 година Себастиен Ерард го изумува лостот за двојна нота со кој нотата може да се повтори повеќепати иако клавишот не се подигнува до крај. Овој метод на брзо свирење ноти го користи Лист, а наскоро станува стандарден додаток за големите пијана и сѐ уште се користи при производството на истите.

Исто така се користи чоја како материјал за обложување на чеканчињата повеќе од кожа и памук. Хенри Пејп во 1826 година ја претставува чојата како поиздржлив материјал кој дозволува поголем динамичен опсег бидејќи се зголемува тежината на чеканчињата и затегнатоста на жиците. Жан Луи Боасело во 1844 година го измислува состенуто (итал. постојаност) педалот кој додава уште неколку ефекти на пијаното.

Иновацијата која многу придонесува за звукот на современото пијано е користењето на силна железна структура или таканаречена чинија која е позиционирана над резонантната штица и служи како бедем за силата на затегнатите жици. Железната структура исто така дозволува да се искористат повеќе жици кои се позатегнати и подебели. Во современите големото пијана затегнатоста е поголема од 20 тони. Едноделната железна структура за пијано која ги спојува металната плоча за игли на Самуел Херве од Broadwood & Sons и отпорната решетка на Тон и Ален ја патентира Алфиус Бебкок во 1825 година во Бостон. Подоцна, Бабкок работи за Чикеринг и Мекејс кои ја патентираат првата целосна железна структура за големо пијано во 1843 година. Европските градители повеќе ги користат композитните метални структури сè до раниот XX век кога системот на Бебкок целосно се прифаќа.

Во другите иновации се вклучува и начинот на кој се затегнуваат жиците на пијаното, на пример 3 жици за сите освен за најниските ноти и примената на презагната скала на која жиците се ставени на две различни крила со свои мостови (накрсно затегнување). Додека бас-жиците на раните инструменти се продолжувања на крилата со една жица, ова таканаречено презатегнување содржи бас-мост позади, и на пискавата страна во просторот на тенор-мостот. Тоа прави потесен простор во носот на пијаното и го подобрува преминот од отпуштени тенор жици до бас жици обвиени со железо или бакар. Презатегнувањето го измислува Жан-Анри Папе во 1820-тите, а Хенри Стајнвеј го патентира за употреба во големите пијана во 1859 година во САД.

Двојна интонација на Модел 'A' Steinway & Sons пијано од 1883 година. Од долу лево кон горе десно: главни жици, мост, жиците за двојна интонација, шипка за двојна интонација (шипката обвиена со никел паралелна со мостот), иглички, плочкест потпирач со штрафови, дупка.

Некои градители на пијана развиваат шеми за засилување на тонот на секоја нота. Џулиус Блатнер го измислува симпатичкото затегнување во 1893 како и Паскал-Џосеф Таскин во 1788[14] и Колард & Колард во 1821 година. Секој од нив користи појасно звонливи и неразводенети треперења за да го ублажи тонот, освен Блатнер чие симпатичко затегнување вклучува уште една – четврта жица во најгорните два делови за високи ноти. Малите додатоци на регулаторите (а не чеканчињата) ги удираат овие одделно затегнати симпатични жици чии иглички се подигнати малку повеќе од вообичаеното ниво на трожичното затегнување. Нестрплив да го искористи овој 'симпатичен' метод, Стајнвеј ја измислува двојната интонација која вклучува кратки неми жици (заградени од симпатичните) во поголемиот дел од високите ноти на пијаното, позиционирани на места кои им овозможуваат да треперат во исто време со нивните главни жици, создавајќи двојни октави и 12тинки.

Варијации на облик и дизајн

[уреди | уреди извор]

Голем број од формите и дизајните на поранешните пијана повеќе не се користат, како на пример таканареченото 'квадратно пијано' кое е всушност со правоаголна форма, чие накрсно затегнување на жиците е сместено во еден исклучително остар агол над чеканчињата и клавијатурата е ставена на една од подолгите страни. Заслуга за тој дизајн добиваат Готфрид Силберман или Кристијан Ернст Фридеричи во континентална Европа и Јохан Зампи или Харман Вјетор во Англија,[15] со додатоци од страна на Гијом-Либрихт Пецолд во Франција и Алфиус Вебкок во САД.[16] Квадратните пијана се градат во голем број низ 1840-тите во Европа и 1890-тите во САД и претрпуваат најочигледни промени во споредба со другите видови на пијана бидејќи железните структури на Стајнвеј & Синови се два и пол пати поголеми од дрвените структури на Зампи. Нивната огромна популарност најмногу се должи на ниската цена иако тонот и изведбата се ограничени од тесната резонантна штица и растојанието меѓу жиците заради кое правилното позиционирање на чеканчињата е невозможно.

Кај исправените пијана механизмот и клавијатурата се заемно нормални.

Штицата и мостовите на вертикално исправеното затегнато големо се над клавишите, а игличките се под нив. Поимот 'исправени' пијана подоцна повторно се враќа во мода за рекламни цели, а слични на него се и пијаната во форма на жирафа, пирамида и инструментот лира.

Високото пијано во форма на шкаф се појавува во 1805 година и се гради низ 1840-тите. Неговите жици се поставени вертикално по структурата на пијаното и мостовите се протегаат блиску до подот позади клавијатурата. Пијаниното (краткото исправено 'колипско' пијано) со вертикално затегнување на жиците го популаризира Роберт Ворнам во 1815 година се гради во XIX век. Народното име за овие пијана е 'кафез за птици' пијано заради заради истакнатиот педалски механизам. Пијанината се разликувани од исправените закосени пијана популаризирани од страна на Ролер & Бланше во 1820-тите години. Малата спинета се произведува од 1930-тите па до денес.

Современите исправени и големите пијана ја добиваат нивната форма на крајот на XIX век но сѐ уште добиваат некои нови детали карактеристични за фирмата која ги произведува.

Историја на музички изведби

[уреди | уреди извор]
Настап на Телониус Монк во Минтонс Плејхаус, Њујорк, 1947 г.

Поголемиот број од ремек делата на класичната музика (Моцарт, Хајдн, Бетовен) како и од Романтизмот (Лист, Шопен, Шуман, Менделсон, Брамс) не се компонирани за современото пијано на кое се изведуваат денес, туку за сосема друг вид на пијано инструмент, како на пример фортепијаното.

Во подоцнежниот период на кариерата на Бетовен фортепијаното еволуира во она современо пијано кое се користи денес. Современото пијано е веќе во поширока употреба во доцниот XIX век содржејќи една октава повеќе од фортепијаното, додавајќи околу 30 клавиши на инструментот. Роберт Ворнам го измислува механизмот на повторување на исправеното пијано во Лондон во 1826, со што станува најпопуларниот модел и со засилен звук. Фабричкото производство на големо ги прави попристапни за секого и се појавуваат во музички сали и пабови во текот на XIX век нудејќи забава преку пијано солисти придружени од пејачи и танцувачи како и цели музички групи.

Во текот на XIX век американските музичари кои изведуваат за работната класа во мали барови и пабови, најчесто афроамерикански композиции, популаризирајќи го музичкиот правец регтајм со композитори како Скот Џоплин. Веднаш по регтајм се појавува и џезот со нови техники и ритми за пијаното како што се остинато и буги-вуги и музиката која целосно се заснова на хармонија од акорди. Рапсодијата во Сино на Џорџ Гершвин ги комбинира џезот и симфонијата во нов пионерски музички правец. Импровизирањето со техниките на Дјук Елингтон, хонкитонк и бибоп правците се појавуваат како гранки од џезот со композиторите Телониус Монк и Бад Пауел. Во доцниот XX век Бил Еванс компонира дела со комбинации од класични техники и џез експерименти. Херби Хенкок е првиот џез пијанист е првиот џез пијанист кој станува популарен работејќи со нови урбани музички техники.

Пијаната се користат и во рокенролот со музичари како Џери Ли Луис, Литл Ричард, Елтон Џон, Били Џоел и многу други.

Современото големо пијано добро им служи на претставниците на современизмот како Џон Кејџ и Филип Глес.

Современо пијано

[уреди | уреди извор]
Шематски приказ на пијанофорте

рамка (1)
капак, преден дел (2)
каподастер (3)
амортизер (4)
капак, заден дел (5)
амортизерски механизам (6)
состенуто шина (7)
Педалски механизам, лостови (8, 9, 10)
педали: десно (педал за одржување ноти/дампер), во средина (состенуто), лево (педал за смекнување ноти/una-corda) (11)
мост (12)
игличка (13)
рамка (14)
резонантна штица (15)
жица (16)

Пијанист го свири делото „Прелудиум и фуга“ бр. 23 во В-дур (BWV 868) од „Добро наштиман клавир“ од Ј.С. Бах на концертно пијано

Со притискањето на клавишот настанува синџир на реакции пред да излезе звукот. Најпрво, клавишот го подига повторувачот кој го притиска лостот кон лизгачкото чеканче (т.н. глужд). Тогаш глуждот го подига лостот кој го носи чеканчето. Клавишот исто така го подига и регулаторот кој веднаш по контактот помеѓу резонантната жица и чеканчето се враќа во првобитната позиција со што жицата има простор за трепериње. По отпуштањето на клавишот, регулаторот паѓа на жиците и го стопира треперињето на резонантната жица. Самите жици не се многу гласни, но нивните треперења се пренесуваат до резонантна штица која го движи воздухот и на тој начин ја претвора енергијата во звук. Неправилната форма и изместената положба на мостот и помагаат на резонантната штица силно да трепери на сите честоти. Постојат три фактори кои придонесуваат за висината на тонот на жицата:

  • Должината: колку е пократка жицата, толку е повисок тонот.
  • Маса по должина: колку е потенка жицата, толку е повисок тонот.
  • Затегнатост:колку е позатегната жицата, толку е повисок тонот.

Жицата која трепери се дели на неколку делови кои треперат во исто време. Секој дел произведува своја парцијална тонажа, така, секоја жица која трепери има еден основен и неколку парцијални тонови. Најјасната комбинација на два тона е кога едниот од нив има двојна честота во споредба со другиот. За повторувачки бран, брзината v, е еднаква на брановата должина λ, помножена со честотата f или:

v = λf

На жиците од пијаното, брановите се одбиваат од двата краја. Суперпозицијата на одбивачки бранови резултира со постојана серија на бранови, но само со бранова должина λ = 2L, L, L/2, ... = 2L/n, каде L е должината на жицата. Оттаму, единствените честоти кои се произведуваат од една жица се f = nv/(2L). Квалитетот на тонот најмногу зависи од содржината на овие хармонии. Хармониите за истата висина на тон се различни за сите инструменти. Вистинската жица трепери со несовршени хармонични реплики на основната што резултира со нехармоничност што го збогатува тонот но во исто време предизвикува големи тешкотии при штимањето во областа на инструментот.

Ако посилно се притисне клавишот ќе излезе посилен звук поради зголемената брзина, а со тоа и големината на брановите и оттаму и посилниот звук. Од пијанисимо (pp) до фортисимо (ff) брзината на чеканчето се зголемува речиси стократно. Времето на допир помеѓу чеканчето и жицата се смалува од 4 милисекунди на пијанисимо до 3 милисекунди до фортисимо. Доколку во исто време се притиснат две жици наштимани да бидат со иста тонажа, тогаш звукот произведен од едната ќе го засили оној од другата и тоа резултира со пократок, комбиниран и засилен звук. Доколку една жица трепери синхронизирано со друга, тогаш тие го делат звукот меѓу себе и произведуваат помек, но подолготраен тон.

Современите пијана се делат во две основни поткатегории: концертно пијано и исправено пијано.

Концертно пијано

[уреди | уреди извор]
Концертно пијано Steinway во Белата куќа
Исправено пијано August Förster

Кај гранд („големо“) пијаното, рамката и жиците се хоризонтални и се издолжуваат на спротивната страна од позицијата на клавишите. Механизмот на повторување се наоѓа под жиците и ја користи гравитацијата за враќање во состојба на мирување.

Гранд пијаното има различни големини, најпопуларни се салонското (2.2 до 3 метри), собното (1.7 до 2.2 метри) и малото гранд пијано(1.5 метри).

Подолгите пијана имаат подолги жици а со тоа и поголем и побогат звук и помала нехармоничност на жиците. Нехармоничност е степенот до кој честотите на парцијалните тонови звучат повишено во однос на честотата на целосниот тон. Тоа се појавува како резултат на стврднатоста на жиците. Како што слабее звукот на стиснатата жица, нејзината хармонија трепери од една пофлексибилна точка некаде кон центарот, а не кон крајот на жицата. Пијана со пократки и подебели жици имаат поголема нехармоничност. Колку е поголема таа нехармоничност толку повеќе увото ја прима како рапавост на тонот.

Нехармоничноста бара од октавите да бидат издолжени или наштимани на пониски октави со остри тонови. Доколку не е така, тогаш само една октава ќе звучи правилно, но две или повеќе октави заедно би звучеле неправилно. Издолжувањето на октавите кај малите пијана создава нерамнотежа помеѓу сите интервални врски на инструментот, не само кај октавите. Кај концертното големо пијано издолжувањето на октавите ја задржува хармониската рамнотежа дури и кога се работи за оддалечени октави на двата краја на клавирот. Тоа му дозволува на инструментот да произведе чисти и совршени квинти и квалитетен и прекрасен звук и затоа концертните се користат за толкави концертни хали, додека помалите верзии на инструментот ги задоволуваат собните потреби.

Исправено (вертикално) пијано

[уреди | уреди извор]

Исправените пијана се покомпактни бидејќи рамката и жиците се вертикално поставени. Чеканчињата се движат хоризонтално и се враќаат на првобитната позиција преку амортизери кои се подложни на распаѓање. Исправените пијана со превисоки рамки и долги жици понекогаш се нарекуваат исправени гранд пијана. Некои автори ги класифицираат современите пијана според нивната висина и модификации на механизмот на повторување кои се потребни за да се вклопи со висината на инструментот.

  • Студиските пијана се високи помеѓу 106 и 114 сантиметри. Тоа се најкраткиот шкаф во кој може да собере целосен механизам на повторување над клавијатурата.
  • Конзолните пијана се малку пократки од студиските и имаат компактен механизам на повторување со пократки чеканчиња.
  • Кај спинетата, врвот на инструментот едвај ја надвиснува клавијатурата, а механизмот на повторување се наоѓа одоздола и се контролира преку вертикални жици кои се прикачени на задниот дел од клавишите.
  • Пијаната кои се повисоки од студиските се нарекуваат исправени.

Други видови

[уреди | уреди извор]
Механичко пијано од 1920 (Steinway)

Играчката пијано се појавува во XIX век, а во 1863 година Хенри Форно го измислува механичкото пијано кое свири самото со помош на ролни. Ролните се листови хартија продупчени со машина според музичкото дело и механичкото пијано го свири истото со помош на воздушни направи. современите еквиваленти на механичкото пијано се Bösendorfer CEUS и Yamaha дисклавирите кои не користат ролни туку соленоиди и МИДИ (музички инструмент со дигитален интерфејс).

Тивкото пијано е акустично пијано дизајнирано за приватно вежбање чии жици може да се запрат со помош на вметната шипка која делува како чеканче.

Во 1801 година Едвард Рајли го открива претворачкото пијано кое со помош на рачка или педал ги преместува клавишите релативно со жиците за да може пијанистот да свири на нему позната скала додека нотите кои се слушаат се од друга скала.

Подготвеното пијано, кое е сѐ уште присутно во некои современи уметнички музички стилови, е пијано кое содржи предмети кои го менуваат неговиот звук, или пак има различен механизам. Музичките партитури ги содржат деталите за предметите кои се вметнати во инструментот, како на пример парчиња гума, хартија или метални шрафови и шајбни меѓу жиците и ти го менуваат квалитетот на звукот или сосема го замолчуваат. Со помош на мали метални копчиња позиционирани пред чеканчињата може да се репродуцира звукот од чембалото.

Во 1954 година една германска компанија изложува пијано без жици на Пролетниот саем во Франкфурт, Германија и се продава за 238 долари. Жиците се заменети со метални шипки од различни легури кои го репродуцираат звукот од стандардните жици. Сличен концепт има и во електрично-акустичното пијано Rhodes.

Електричните пијана користат дигитален примерок од истите тонови да го зголемат звукот на жиците. Гласно свирење на нота го скратува електричниот сигнал и свирачот може да го смени звукот во неговиот експресивен опсег.

Дигиталните пијана користат дигитални примероци кои ја репродуцираат секоја пијано нота. Тие може да бидат софистицирани содржејќи педали, клавиши чувствителни на допир, различни гласови, МИДИ интерфејс и слично. Меѓутоа, кога се притиска педалот за издолжување ноти на таквиот инструмент нема жици кои треперат симпатичко. Некои поскапи дигитални пијана како Yamaha Clavinova или Kawai MP8 користат софтвер за синтеза кој репродуцира физички модели на симпатичката вибрација.

Со пристигнувањето на моќните десктоп компјутери, се зголемува и реалистичноста на дигитализираните пијана. Некои од овие содржат софтвер модули со пијано примероци на 90 или повеќе снимки за секој од клавишите. Тие се звукови од различни услови и траат по неколку секунди. Постојат и примероци кои ја репродуцираат симпатичката резонанса, пуштањето на клавишот или на регулаторите или ги симулираат пијано техниките како двојното стискање на педалот за разводнување на тоновите. Други софтвер модули како Pianoteq 2006 на Модарт, не користат никакви примероци туку се чиста синтеза на сите аспекти кои го прават вистинскиот пијано звук.

Денес, производителите на пијано имаат голема предност со пијана кои се свират преку ЦД или МП3 плеери. Со сличен концепт како механичкото пијано PianoDisc или iQ системите овозможуваат пијаното само да се свири кога софтверот ќе толкува одреден формат кај податотеките. Таквите додатоци се прилично скапи, понекогаш и ја удвојуваат цената на инструментот. Ваквите пијана се достапни во гранд и исправена верзија.

Клавијатура

[уреди | уреди извор]
Клавијатура кај гранд пијано

Скоро сите современи пијана имаат 52 бели и 36 црни клавиши или вкупно 88 клавиши (7 октави и мала третинка Си0 до До8). Голем број од постарите пијана имаат само 85 клавиши со точно 7 октави, а некои дури го издолжуваат опсегот во двете насоки.

Опсегот на некои Bösendorfer модели на пример, оди до Фа0, а некои други одат дури и до До0 што ја комплетира и осмата октава. Тие дополнителни клавиши најчесто се покриени со капак или избоени црни за да не ги збунат неискусните пијанисти.

Дополнителните клавиши се додаваат заради резонансата од нивните жици, односно, тие треперат симпатичко со другите жици кога педалот за одржување ноти е притиснат, давајќи им пополн тон. Многу мал број на музички дела допираат до овие клавиши. Stuart and Sons произведува вакви продолжени пијана, едно од нив и пијаното со 102 клавиши, протегајќи се од До0 до Фа8, што е всушност најпродолженото акустично пијано што не ја губи практичноста. Дополнителните клавиши не се разликуваат по изглед од останатите.

Малите студиски исправени акустични пијана со само 65 клавиши се произведуваат за патувачките пијанисти и се познати како пијана за свирки и сѐ уште имаат железни рамки. Овие пијана се прилично лесни за да можат да бидат пренесени од двајца. Бидејќи имаат подолго тело од спинетата и конзолното пијано исто така имаат и посилен бас звук кој многу им вреди на некои пијанисти.

Производителот на играчката пијано Schoenhut почнува да прозиведува и гранд и исправени пијана со по 44 или 49 клавиши и со помало растојание помеѓу педалите и клавијатурата. Тоа се вистински пијана со механизам на повторување и жици кои се појавуваат поради голема побарувачка.

Клавијатурата Јанко се појавува како алтернатива поради непрактичноста на клавијатури со повеќе од осум октави.

Стандардни педали

[уреди | уреди извор]
Педалите на пијаното, од лево кон десно: смекнувач, состенуто и одржувач

Пијаното имало педали или слични податоци, како на пример рачки, уште од самиот почеток. Повеќето гранд пијана во САД ги имаат вообичаените три педали, за одржување ноти или дампер, состенуто и педал за смекнување ноти или уна корда, додека во Европа стандардот се двата педали, дамперот и уна корда. Повеќето современи исправени пијана имаат три педали, за смекнување, за одржување и за вежбање, а некои постари модели немаат педал за вежбање, а во Европа стандардот за исправените е исто така два педали – за смекнување и одржување ноти.

Симболи за одржувачот кои се користат во музички партитури

Дамперот (педалот за одржување ноти) бидејќи е најстандардниот педал, се нарекува едноставно – педалот и се наоѓа најдесно од групата на педали. Тој ги ослободува жиците од нивните дампери (регулатори) и нотите се одржуваат. Откако ќе ги ослободи жиците, дури и тие што не се поврзани со притиснат клавиш, одекнуваати со тоа го менуваат целокупниот тон.

Смекнувачот (уна корда) се наоѓа најлево во групата на педали. Кај големото пијано, со неговото притискање се преместува целата клавијатура и механизам за повторување на десната страна (ретко кои имаат преместувачи за лево) и на тој начин секое чеканче удира две или три жици за една нота. Во најстарите пијана чии акорди се двојни, а не тројни, механизмот на повторување се преместува на тој начин што чеканчињата удираат една жица и оттаму доаѓа поимот уна корда (итал. една жица). Ефектот кој го предизвикува педалот е смекнување на нотата како и менување на тонот. Кај исправените пијана тој ефект не е можно да се создаде, па таму педалот го помрднува чеканчето поблиску до жиците за да удира со помало забрзување и кинетичка енергија и тоа создава помек звук без да се изгуби квалитетот на истиот.

Средниот педал кај големото пијано е состенуто. Состенуто е педалот кој ги држи регулаторите кои се веќе кренати кога е притиснат. Тоа овозможува да се одржуваат притиснатите ноти а рацете на пијанистот се слободни да свират други ноти. Состенуто е корисен за музички премини со места за педали и други понежни или невозможни ситуации.

На голем број исправени пијана средниот педал се нарекува педал за вежбање или челеста педал. со негово притискање се спушта парче чоја помеѓу чеканчињата и жиците и го придушува звукот. Педалот може да се премести додека е стиснат во тн заклучена позиција.

Постојат нестандардни педали. Како на пример кај некои пијана средниот педал може да биде одржувач само на ниски бас ноти, не кревајќи ги регулаторите од другите жици. Со него пијанистите одржуваат бас нота или акорд низ цели музички делови и во исто време свират мелодии со повисоките ноти. На инструментите на фирмата Stuart and Sons како и на поголемите Fazioli пијана има и четврти педал од левата страна на старото трио кој работи исто како и смекнувачот кај исправените пијана, односно, ги позиционира чеканчињата поблиску до жиците.

Невообичаени педали

[уреди | уреди извор]
Исправено педално пијано од Challen

Реткото претворачко пијано има среден педал кој функционира како спојница која ја отпушта клавијатурата од механизмот и пијанистот може да ја мрда лево или десно со рачка. Тоа го преместува целиот механизам на повторување и пијанистот може да свири музика напишана за една скала, на друга скала.

Некои пијано компании вклучуваат дополнителни педали покрај стандардните два или три. Crown and Schubert Piano Co. Произведува пијана со четири педали. Fazioli нуди четврти педал кој е всушност втор смекнувач кој ги носи клавишите поблиску до жиците.

Њујорчаните Wing and Son нудат пијано со дури 5 педали од 1893 година и низ 1920-тите. Компанијата не се спомнува после третата деценија од 20 век. Обележани од лево кон десно, педалите се именувани: мандолинец, оркестарец, изразувач, смекнувач и одржувач. Мандолинецот произведува сличен (треперлив) звук на тремолото со одбивање на група чеканчиња од жиците со што пијаното звучи како мандолина, гитара, бенџо, ситар и харфа. Оркестарецот (тн Орк) на сличен начин спушта метални прачки обложени со чоја меѓу чеканчињата и жиците. Тоа го продолжува животот на чеканчињата кога се користи Оркот и создава звук сличен на ехо кој дава впечаток дека се свири во голема оркестарска сала.

Педалното пијано е уште еден вид на ретко пијано кое има педална табла која им овозможува на пијанистите да свират бас ноти со нивните стапала, исто како кај оргулите. Постојат два вида на педално пијано, кај едниот вид, педалната табла е интегрален дел од инструментот, користејќи ги истите жици и механизам што ги користи клавијатурата. Другиот вид, кој е исто така и поредок, се состои од две независни пијана, поставени едно над друго – едно за рацете и едно за стапалата. Овој вид се прави најмногу за вежбање на оргулари, но има и неколку музички партитури напишано само за него.

Конструкција

[уреди | уреди извор]
Надворешна рамка на гранд пијаното Estonia за време на производството

Многу делови од пијаното се направени од материјали кои се долготрајни и издржливи. Тоа посебно се важи за надворешната рамка кој најчесто се гради од тврдо дрво како јавор и бука, и неговата големина послужува како неподвижна основа во која резонантната штица може да вибрира. Според Харолд А. Конклин, целта на цврстата рамка е да ја зароби вибрацијата во резонантната штица, наместо таа да се шири низ надворешните делови на пијаното кои не се добри проводници на звук.

Додека многу компании прават рамки со свитливи иверици од тврдо дрво со ламинација и виткање веднаш по ставањето лепило, пософистицираните компании како австриската Bösendorfer користат едноделно дрво, најчесто смрека бидејќи резонантната штица е направена од истиот вид дрво. Идејата е шкафот на пијаното да биде дел од обојувањето на звукот . Губењето на енергија во шкафот на пијаната Bösendorfer го менува тонот на инструментот во помалку моќен, но посложен и невообичаено резонантен звук.

Од долната перспектива на гранд пијано од 182 см може да се види, наредени по оддалеченоста од гледачот: загради од меко дрво, заострените ребра на резонантната штица, резонантната штица. Металната прачка во долниот десен агол е направа за контрола на влагата.

Теодор Стајнвеј ја развива рамката од свиткани иверици во 19880 година за да заштеди време и пари при производството. Дебелите дрвени ногарки ја стабилизираат целата структура и се направени од меко дрво за поголема стабилност. Потребата за структурална издржливост исполнета со цврсто дрво и дебели слоеви метал го прави пијаното тешко. Дури и малото исправено пијано тежи 136 килограми, а концертното Стајнвеј гранд модел Д тежи дури 480 килограми. Најголемото изградено пијано на сите времиња, Fazioli Ф308 тежи 691 килограми.

Препреката која ги држи штимачките игли на место е уште едно место кое бара цврстина. Направена е од тврдо дрво (бука, јавор) и ламинирана за уште поголема цврстина, стабилност и издржливост. Жиците за пијаното (тн пијано жица) се направени од високојаглероден челик за да издржат години од висока затегнатост и тешки удари. Се произведуваат на тој начин што имаат ист пречник бидејќи и најмалата варијација би предизвикала тонско изобличување. Бас жиците на пијаното се направени од челично јадро обвиено со бакарна жица за да ја зголеми нивната маса и во исто време да ја задржи свитливоста. Доколку сите жици во пијаното би биле едноделни тогаш огромните бас жици би биле погласни и би ги надвиснале повисоките ноти. Градителите го надоместуваат ова со уште едни двојни жици кај тенорот и тројни жици низ повисоките ноти.

Поклопец на гранд пијано направен од лиено железо

Поклопецот најчесто се прави од лиено железо, и неговата цврстина е корисна бидејќи доколку не е доволно цврст, би апсорбирал голем дел од енергијата (од жиците кои вибрираат од двата краја) која треба да помине низ мостот до резонантната штица. Додека некои производители користат лиен челик за поклопци, повеќето користат лиено железо бидејќи полесно се лие и е доволно свитлив за потребите на пијаното. Челикот е исто така поотпорен на деформации и особено отпорен на притисок. Лиење поклопци за пијано е уметност бидејќи димензиите се клучни, а железото се собира околу 1 процент додека се лади.

Да се вклучи едно големо парче метал во пијаното може да биде голема препрека која градителите ја надминуваат со полирање, боење и декорирање на поклопецот. Многу често поклопците имаат украсен медалјон. За да направи полесни пијана, компанијата Alcoa соработува со Winter and Company за развивање на алуминиумски поклопци во текот на 40-тите години од 20 век, но тие никогаш не се прифатени и нивното производство е запрено.

Повеќето од бројните делови кај гранд и кај исправеното пијано се направени од тврдо дрво како јавор, бука и габрово. Меѓутоа,во 40-тите и 50-тите години од 20 век градителите почнуваат да користат пластика која на крајот се покажува како лош избор бидејќи се губи силата по неколку декади. Во 1961 година, во Њујоршката гранка на компанијата Стајнвеј се користи за првпат и тефлонот, синтетички материјал кој го развива компанијата Дупонт. Овој експеримент се напушта во 1982 година поради големото триење и клинкачки звук кој се појавува со тек на времето. Тефлонот не се менува во услови на влага, додека дрвото до тефлонот се дуе и се смалува со влага, предизвикувајќи проблеми. Компанијата Kawai е последната што почна да произведува пијано механизми на повторување изградени од пластика зајакната со јаглеродни влакна и компанијата Wessell Nickel and Gross произведуваат разни внимателно дизајнирани пијано делови. Досега деловите одлично функционираат, но потребни се декади пред да се дознае дали ќе издржат како дрвото.

Жиците кај гранд пијаното

Кај сите освен кај најевтините пијана резонантната штица е направена од смрека, чиј висок сооднос на цврстина со тежина многу го намалува акустичниот отпор но го издржува вибрирањето и затегнатоста на жиците. Најдобрите пијано градители користат смрека која е отпорна на дефекти и која долго време се чува пред да се конструираат резонантните штици. Сличен материјал се користи и за штиците на акустичните гитари, додека евтините пијана имаат иверици.

Во раните години на градба на пијана клавишите се прават од шеќерна шишарка, а денес најчесто се прават од смрека или липа. Смреката најчесто се користи за висококвалитетни пијана. Црните клавиши се прават од слонова коска, а белите само се обложуваат. Меѓутоа, откако животните видови стануваат загрозени и слоновата коска забранета, пластиката е најчестиот избор. Слоновата коска и полесни се аби од пластиката, но сè уште може да се најде во ограничени количини. Фирмата Јамаха измислува нов вид пластика кој наводно е сличен при допир и изглед на слоновата коска и широко се употребува.

Одржување

[уреди | уреди извор]
Пијаното во социјалниот центар во 19 век Мориц фон Швинд, 1868). Човекот кај пијаното е Франц Шуберт.

Пијаното мора редовно да се штима за да се одржува квалитетот на звукот, кој е вообичаено меѓународно признатиот стандарден концертен А4=440 херци. Чеканчињата се озвучени да надоместуваат за повремено отежнување и другите делови на пијаното треба да се прилагодуваат од време на време. Застарени пијана може да се реставрираат и многу често со замена на некои делови може да звучат исто како да се нови. Постарите пијана се посталожени и произведуваат потопли тонови.

Само обучени лица треба да преместуваат пијана со одреден број на луѓе и правилна опрема за големината и тежината на пијаното. Пијаната се тешки но кршливи инструменти. Низ годините професионалните преместувачи на пијана имаат развиено специјални методи за пренесување на гранд и исправени пијана што спречуваат оштетување на механиката на пијаното.

Штимач на пијано

Врската меѓу два тона која се нарекува интервал е сооднос од нивните апсолутни честоти. Два различни интервали се сметаат за исти кога нивните парови на тонови имаат ист сооднос на честоти. Интервалите кои најлесно се препознаваат и се штимаат се оние кои имаат цел број како размер. Поимот темпирање се однесува на системот на штимање кој ги темпира целите интервали (совршена петинка, размер 3 спрема 2) за да задоволуваат друг математички својства. Со еднаков темперамент, петинката се темпира со мало стеснување кое се постигнува со мало израмнување на повисокиот тон. Системот на темпирање е исто така познат и како збир на односи.

Темпирањето интервали ги предизвикува да тропаат, а тропањето е непостојаност во силата на звукот предизвикано од мешање на два блиски (но нееднакви) тонови. Брзината на тропањето е еднаква со разликата во честота на која било хармонии кои се присутни за двата тона кои се совпаѓаат или безмалку се совпаѓаат.

Штимање на пијаното е постапката на приспособување на затегнатоста на жиците на пијаното, израмнувајќи ги интервалите меѓу нивните тонови за инструментот да биде наштиман. Поимот наштиман не ја дефинира само определената фиксираност на тоновите, туку добро штимање значи да се испита внимателно соработката меѓу нотите на хроматската скала. Скалата е различна кај секое пијано и затоа бара малку поразлични тонови од кој било теориски стандард. Вообичаено, пијаната се штимаат до некоја блиска верзија на стандардот, која се нарекува еднаков темперамент. Во сите системи на штимање, секој тон се добива од неговата врска со одбран фиксиран тон, најчесто А440.

Пијаното е клучен инструмент во Западната класична музика, џезот, во филмовите, телевизијата и повеќето други сложени западни музички жанрови. Поголемиот број на композиторите се вешти пијанисти – и поради тоа што клавијатурата на пијаното нуди лесен пристап до сложени мелодиите и хармониите, пијаното често се користи како алатка за композиција.

Пијаното како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  1. „пијано“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „пијано“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  3. „клавир“Дигитален речник на македонскиот јазик
  4. „клавир“Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
  5. Scholes, Percy A.; John Owen Ward (1970). The Oxford Companion to Music (10th ed.). Oxford and New York: Oxford University Press. стр. lvi. ISBN 978-0-19-311306-0.
  6. POLLENS, STEWART (2013). „Bartolomeo Cristofori in Florence“. The Galpin Society Journal. 66: 7–245. ISSN 0072-0127. JSTOR 44083109.
  7. Erlich, Cyril (1990). The Piano: A History. Oxford University Press, USA; Revised edition. ISBN 0-19-816171-9.
  8. Powers, Wendy (2003). „The Piano: The Pianofortes of Bartolomeo Cristofori (1655–1731) | Thematic Essay | Heilbrunn Timeline of Art History | The Metropolitan Museum of Art“. New York: The Metropolitan Museum of Art. Архивирано од изворникот на 2013-10-17. Посетено на 2014-01-27.
  9. Powers, Wendy (2003). „The Piano: The Pianofortes of Bartolomeo Cristofori (1655–1731) | Thematic Essay | Heilbrunn Timeline of Art History | The Metropolitan Museum of Art“. New York: The Metropolitan Museum of Art. Архивирано од изворникот на 2013-10-17. Посетено на 2014-01-27.
  10. Badura-Skoda, Eva (2000). „Did J. S. Bach Compose "Pianoforte Concertos"?“. Bach. 31 (1): 1–16. ISSN 0005-3600. JSTOR 41640462.
  11. Palmieri, Bob & Meg (2003). The Piano: An Encyclopedia. Taylor & Francis. ISBN 978-0-415-93796-2.. "Instrument: piano et forte genandt" [was] an expression Bach also used when acting as Silbermann's agent in 1749."
  12. „The Viennese Piano“. Архивирано од изворникот на 2008-10-11. Посетено на 2007-10-09.
  13. Petersen, Sonja (2013). „Craftsmen-Turned-Scientists? The Circulation of Explicit and Working Knowledge in Musical-Instrument Making, 1880–1960“. Osiris. 28 (1): 212–231. doi:10.1086/671378. ISSN 0369-7827. JSTOR 10.1086/671378.
  14. „Piano à queue“ (француски). Médiathèque de la Cité de la musique. Архивирано од изворникот на 19 April 2014. Посетено на 5 April 2014.
  15. Dolge, Alfred (1972). Pianos and Their Makers: A Comprehensive History of the Development of the Piano. New York, NY: Dover Publications. стр. 48. ISBN 0-486-22856-8.
  16. Grafing, Keith (1974). „Alpheus Babcock's Cast-Iron Piano Frames“. The Galpin Society Journal. 27: 118–124. doi:10.2307/841758. JSTOR 841758.
  17. Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 12.
  18. Дејан Мирчески, Кристалните јами на пропаста, Темплум, Скопје, 2012.
  19. Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987, стр. 43.
  20. IMDb, The Pianist (2002) (пристапено на 15.2.2016)
  21. IMDb, The Pianо (1993) (пристапено на 15.2.2016)
  22. Clock DVA - Piano Pain - YouTube (пристапено на 15.11.2016)
  23. Mule – If I Don't Six (пристапено на 18.11.2023)
  24. Discogs, Tricky – The Best Of (пристапено на 8.2.2021)
  25. Discogs, Jawbox ‎– For Your Own Special Sweetheart (пристапено на 9.10.2021)

Дополнително

[уреди | уреди извор]
  • Banowetz, Joseph; Elder, Dean (1985). The pianist's guide to pedaling. Bloomington: Indiana University Press. ISBN 0-253-34494-8.
  • Carhart, Thad (2002) [2001]. The Piano Shop on the Left Bank. New York: Random House. ISBN 0-375-75862-3.
  • Fine, Larry; Gilbert, Douglas R (2001). The Piano Book: Buying and Owning a New or Used Piano (4th edition). Jamaica Plain, MA: Brookside Press. ISBN 1-929145-01-2. Архивирано од изворникот на 2011-07-09. Посетено на 2021-08-14.
  • Lelie, Christo (1995). Van Piano tot Forte (The History of the Early Piano). Kampen: Kok-Lyra. (холандски)
  • Loesser, Arthur (1991) [1954]. Men, Women, and Pianos: A Social History. New York: Dover Publications.
  • Parakilas, James (1999). Three Hundred Years of Life with the Piano. New Haven, Connecticut: Yale University Press. ISBN 0-300-08055-7.
  • Reblitz, Arthur A. (1993). Piano Servicing, Tuning and Rebuilding: For the Professional, the Student, and the Hobbyist. Vestal, NY: Vestal Press. ISBN 1-879511-03-7.
  • Schejtman, Rod (2008). Music Fundamentals. The Piano Encyclopedia. ISBN 978-987-25216-2-2.
  • Thiollet, Jean-Pierre (2012). Piano ma non solo. Paris: Anagramme Editions. ISBN 978-2-350035-333-3 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help).

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]