Димитар Македонски

Димитар Василев Македонски ( 1847 - 21 февруари 1898 во Цариград, денешен Истанбул) — македонски преродбеник, просветен деец и учебникар. Роден е во селото Емборе, Кајларско, Егејска Македонија во 1847 година. Се школувал во родното Емборе, а потоа во Белград[1] и Цариград, а потоа учителствува во Клисура, Воден, Струга, Битола и Лом.[2]

Димитар Василев Македонски
Роден 1847
Емборе, Кајларско
Починал 21 февруари 1898
Цариград, Отоманско Царство

Дејствувањето меѓу македонската емиграција

уреди
 
Димитар Македонски.

Ви 1869 година бил секретар на новооснованата Битолска црковно-училишна општина, а во периодот од 1875 до 1876 бил книжар. Учествувал во работата на црковнонародниот собор во Цариград (1871 г.), поврзан со основањето на бугарската Егазрхија и со обидот за решавање на македонското црковно прашање. Во Воден, на 11 мај, 1872, држел патриотска беседа на денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.[1]

По создавањето на Бугарската држава се населува во Софија. Таму работи најпрво во судството како обвинител, а потоа и како судија. Во 1882 година се запознава со Коста Шахов и учествува во уредувањето на весникот Македонија. Подоцна заминува за Цариград, за да го преземе уредувањето на егзархискиот весник "Новости". Подоцна станува член на Бугарското благотворително друштво во Цариград (1884). На 18.02.1895 година Трајко Китанчев ги повикал сите македонски друштва да испратат свои делегати на Конгресот кој требало да се одржи во Софија следниот месец. Целта на овој собир била организирање за дејствување на подобрување на положбата на населението во Македонија. І македонски конгрес започнал со својата работа на 18.03.1895 година и првите три дена се расправало за целта на македонските друштва, притоа на дневен ред имало две точки: Автономија на Македонија или нејзино присоединување кон Бугарија. Димитар Македонски заедно со двајца делегати гласал за присоединување на Македонија кон Бугарија,[3][4] додека останатото мнозинство од 60 делегати за Автономија на Македонија.[5]

Написи во весникот „Македонија“

уреди
 
Книга за Димитар В. Македонски напишана во 1999 од Блаже Ристовски (кликнете за да ја отворите и читате во целост)

Димитар Македонски често пишувал и статии во цариградскиот весник „Македонија“ на македонска национална тематика. Тој уште во 1871 година (16.2.1871) гневно пишува до главниот уредник на весникот Петко Славејков во врска со отсуството на покана за учество на Македонските епархии на Архиепископскиот собор за уредувањето на Бугарската егзархија:

И ја понаучете си малце историјата ... и ќе се уверите дека Македонците не се Цинцари, ниту друг некоj народ, туку се чисти Бугари како вас; од таму ќе се научите уште дека Македонците не се изгубиле од лицето на земјата како што некои си дозволуваат да докажуваат оти колку што ние знаеме тие не се согрешиле некогаш толку та да зине земјата па да ги голтне.[6]

Од неговиот учебник Кратка свјаштена историја, за училиштата по Македонија (1867), се гледа дека историските настани (пред воопшто да постои терминот Бугари/Бугарија) во кои се говори за Македонците, тој ги поврзува со Бугарите. Со тоа јасно се согледува дека, тој терминот Бугари го употребува со значење Словени/словенско.[7]

Убиството на Димитар Македонски

уреди

На 23.02.1898 година (стар стил) во Цариград, Димитар Македонски бил ликвидиран од страна на Ефтим Димитров - Гештанов од ресенското село Дупени, во тоа време вратар на бугарската болница во Цариград,[7] терорист на ТМОРО.[8][се бара страница] Македонски бил убиен од страна на организацијата поради напис поврзан со Виничката афера во весникот Новини[8]. По објавувањето на написот, учителот Битраков од Охрид истакнал дека Македонски нема да остане жив.[8][се бара страница] Откако веста за неговото убиство пристигнала во Солун, Иван Хаџи Николов, Дамјан Груев, Христо Батанџиев и Христо Матов кои дошол специјално од Скопје, се собрале во Бошњакан и набргу им се придружил сопственикот на анот - Васил Мончев (кој бил меѓу првите членови на организацијата), тогаш Иван Х. Николов сакал да почасти коњак за убиството, а Мончев набргу заминал, и му препорачал на Дамјна Груев повеќе да не доаѓа во гостилницата[8]. Бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов претпоставувал дека ликвидацијата на Македонски била наредена од Задграничното претставништво на ТМОРО во Софија, а неговата ликвидација била извршена од страна на Цариградскиот комитет на чело со Трајчев [8]. Шопов истакнува дека убиството на Димитар Македонски било извршено со цел за да се изврши притисок врз егзархиските чиновници и Бугарската црква (Бугарска егзархија) чие седиште се наоѓало во Цариград за да бидат поставени учители во Македонија по потребите на ТМОРО [8]. Притоа, Шопов истакнува дека:

Македонски беше лош дух за нив, бидејќи не им го одобруваше поведението, им го поткопуваше влијанието во Цариградското агенство и настојуваше да ги отргне ресенските градинари со кои се служела организацијата[8].

Тој имал само еден син, по име Александар, кој работел како соработник на весникот Macedoiné. Александар починал во 1919 година, а само по 20 дена починала и неговата мајка, сопругата на Димитар, Донка Македонска.[7]

Дела

уреди

Автор е на 3 учебници, пишувани на македонски народен говор на неговиот роден дијалект со многу црковнословенизми, што ги објавува во печатницата на весникот „Македонија“ во Цариград. Неговите учебници се:

  • Кратка свјаштена историја, за училиштата по Македонија (1867)
  • Буквар за употребление в македонските училишта (1867) и
  • Скратен православен катихизис (превод од грчки, 1868).

Првиот учебник е пишуван во вид на прашања и одговори, слично како учебниците на Кузман Шапкарев и другите македонски учебникари. Во него Димитар Македонски тврди дека "Бугарите во Македонија" (како што ги нарекува Македонците) биле покрстени уште од Апостол Павле [9]. По 1878 година се занимавал со новинарство.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 96. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Бугарското самосознание на населението во Македонија во Преродбата, Автор: Илиja Галчев, Издавашство: Софиски Университет „Св. Климент Охридски”, 2005 г. стр. 180.(бугарски).
  3. П. Константин Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1093, София, 1979
  4. К. Битовски, Македонија и кнежевството Бугарија
  5. Трајко Китанчев. Скопје: Филозофски факултет. 2015. стр. 188. ISBN 978-608-238-079-7. На |first= му недостасува |last= (help)
  6. „Македонија. Лист за политика и книжевност“, Цариград, 16.02.1871; Билярски, Цочо. Из българския възрожденски печат от 70-те години на ХІХ век по македонския въпрос, Македонски преглед, год. ХХХІІІ, 2000, кн. 4, с. 114-115
  7. 7,0 7,1 7,2 Димитар В. Македонски во македонската историја и култура. Скопје: МАНУ. 1999. стр. 17, 68, 69. На |first= му недостасува |last= (help)
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 А. Шопов, Дневник, дипломатически рапорти и писма (ред. А. Пасков). София, 1995
  9. „Кратка свјаштена историја, за училиштата по Македонија", Цариград, 1867, с. 24 - преснимени делови од текста во: "Български възрожденски книжовници во Македония. Избрани страници, София 1983, с. 354