Лубмин
Лубмин | |
Лубмин погледнат од крајбрежната патека | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Мекленбург-Западна Померанија |
Округ | Западна Померанија-Грајфсвалд |
Месна заед. | Лубмин |
Градоначалник | Клаус Кинеман |
Основни податоци | |
Површина | 13,87 км2 |
Надм. височина | 5 м |
Население | 2.176 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 157 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | OVP |
Пошт. бр. | 17509 |
Повик. бр. | 038354 |
Портал | www.seebad-lubmin.de |
Местоположба на Лубмин во рамките на округот Западна Померанија-Грајфсвалд | |
Координати | 54°08′N 13°37′E / 54.133° СГШ; 13.617° ИГД |
Лубмин (германски: Lubmin) — крајбрежно одморалиште и општина во округот Западна Померанија-Грајфсвалд, во Мекленбург-Западна Померанија, Германија. Лубмин се наоѓа близу Грајфсвалд и е сместена на Грајфсвалдскиот Залив.
Покрај туризмот, Лубмин е голем сообраќаен и индустриски центар и привлекува многу инвестиции во германскиот енергетски сектор. Гасоводот Северен поток од Русија (на Гаспром и E.ON) завршува во Лубмин, додека неколку други електрани се во изградба. Исто така, Лубмин претставува административно седиште на истоимената општинска заедница.
Географска положба
[уреди | уреди извор]На север од Лубмин се наоѓа Грајфсвалдскиот Залив. Североисточниот крај на општината се протега на полуостровот Штрук, кој се наоѓа на устието на делтата Пенештром. Крајбрежното одморалиште поседува еден километар долга песочна плажа и главно пошумен со борова шума.
Соседни општини
[уреди | уреди извор]Лубмин се граничи со општините Креслин и Рубенов на југоисток, Вустерхузен на југ и Бринцов на југозапад. Нешто подалеку е универзитетскиот град Грајфсвалд на запад и на југ е градот Волгаст.
Историја
[уреди | уреди извор]Најраните пишани документи за името Лубмин се од 1271. Името на местото Лубемин (Lubemyn) има словенско потекло и до реформацијата се однесувало на манастирот Елдена.
Според записите, селото било особено погодено од Поплавата на Сите Светци во 1304 година: силен ветер од југозапад ја притиснал водата во заливите со плитка вода пред да се сврти да дува кон североисток. Водата го поплавила померанскиот брег и предизвикала огромна штета. Во 1309, војводата Богислав IV го предал Лубмин од цистерцијанците на манастирот Елдена.
Како последица на Триесетгодишната војна, Лубмин, како цела Западна Померанија, станал дел од Шведска Померанија. Околу 1700 градот бил во посед на шведскиот фелдмаршал Фабијан Граф фон Врангел. На Виенскиот конгрес во 1815 територијата била предадена на Прусија.
Во 1886 Лубмин за првпат бил наречен како „крајбрежно одморалиште“.
Во 1893 Лубмин се поврзал со пат од Елдена до Волгаст. Железница со тесен колосек од Грајфсвалд преку Лубмин до Волгаст била отворена во 1898. Во 1945 линијата била размонтирана и предадена на Советскиот Сојуз како воена оштета. Првиот док бил изграден околу 1900. Во 1969 започнале градежни работи за атомска централа и поради тоа била изградена железничка линија од Грајфсвалд до Лубмин. Недовршената атомска централа била затворена по обединувањето на Германија. Во 1992 била завршена новата крајбрежна патека и биле изградени неколку хотели и ресторани, па така го потврдил статусот на крајбрежно одморалиште.
По Втората светска војна, Лубмин бил дел од округот Росток, а од 1990 повторно во новосоздадената покраина Мекленбург-Западна Померанија.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Развојот на општината е олеснет со автопатот од Грајфсвалд до Волгаст, кој поминува низ Лубмин. Дополнително, регионален пат води од Лубмин до Вустерхузен. Лубмин исто така поседува железничка врска, иако повеќе нема патнички возови. Од 2004, општината поседува големо пристаниште на Балтичкото Море (меѓутоа ова уште не е официјално отворено).
Индустрија
[уреди | уреди извор]Огромен дел од општината зафаќала најголемата атомска централа на Источна Германија, „Атомска електрична централа Грајфсвалд. Првиот од петте реактори бил пуштен во употреба во 1973. Дополнителните четири јадрени реактори биле изградени; меѓутоа блокот 5, завршен во 1989, бил пуштен само во пробна работа, пред целата централа да биде затворена во 1990 поради затегнатите сигурносни стандарди.
Денес, атомската централа е размонтирана со високи трошоци. Биле изградени привремени објекти за чување на јадрениот отпад, како што се деловите на реакторот. Во текот на Источна Германија во централата работеле 10.000 луѓе, додека денес нешто повеќе од 1.000 работници се вклучени во затворањето на јадрените реактори.
Дел од индустриската населба на местото на поранешниот испустен канал бил претворен во пристаниште. Дополнително била изградена централа на гас со цел да се привлечат инвестиции во енергетскиот сектор.
Противниците на атомската енергија се плашат дека сојузниот објект за јадрен отпад (управуван од Energiewerke Nord GmbH) може да биде користен од цела Европа. Денес е нејасно дали на општинските власти им е поважно да ја развиваат индустриската населба или на развој на туризмот.
380-киловолтниот далновод од поранешната атомска централа Лубмин до трансформаторот во Волмирштет е најдолг далновод во Германија.
Три електрани се планираат да бидат изградени во Лубмин како поддршка на руско-германскиот гасовод Северен поток, кој завршува во близина на општината. Данската енергетска компанија DONG Energy планирала да започне изградба на термоцентрала на јаглен, но сепак тоа не се остварило.
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Лубмин“ на Ризницата ? |
|