Максим Горки
Алексеј Максимович Пешков (руски: Алексей Максимович Пешков), алијас Максим Горки (Максим Горький) (Нижни Новгород, 28 март 1868 – Горки, Москва, 18 јуни 1936) — руски и советски писател, еден од основачите на советската книжевност.
Од 1892 година, кога се појавил расказот Макар Чудра од Максим Горки, и особено подоцна, кога се појавиле капиталните дела од овој писател, псевдонимот на Пешков станал поим во литературата.
За да ги запознае што потемелно односите во руското општество, Максим Горки крстосувал широката руска земја, еден дел изодувајќи пешки, со торба на рамо, откривајќи го животот на луѓето од дното на тоа општество, но и животот на последните аристократи, животот на буржоаските семејства.
Живот и семејство
[уреди | уреди извор]Неговиот татко бил столарски занаетчија. Но тој рано умрел, оставајќи го малиот Алјоша како четиригодишно сираче. Неговата сопруга и синчето останале на грижите на стариот Василиј Каширин, дедото на Алјоша. Него момченцето не го сочувало во најдобри спомени, но затоа ја засакало баба си Акулина Ивановна, од која ги научило народните сказни и песни што го одушевувале посебно.
По осиромашувањето на дедото Васја, особено по смртта на мајката, малиот Алексеј бил принуден со сопствен труд да си го заработува лебот. Детството му станало мачно. Тешкиот живот станал негов придружник и во подоцнежните години, кога Горки, како физички работник пропатувал илјадници милји пловејќи по Дон, пешачејќи по Украина, Бесарабија, по Црноморското крајбрежје, за да стигне до Грузија и назад. Завршувајќи дел од своето образование со одличен успех, но под многу тешки материјални услови, Горки се обидел да се запише на студии на Казањскиот универзитет. Меѓутоа „тешките врати на универзитетот засекогаш за него останале затворени“. Така младиот човек ги запознал своите животни универзитети: во детството чевларски чирак, фурнаџиски помошник, подоцна бродски мијач на садови, носач на сол, истоварувач по железниците, за да стане лекарски помошник без диплома, писар и што ли уште не!
Во меѓувреме другарувал со книгите. Го восхитувале делата на Пушкин, Лермонтов, Чернишевски, Гогољ, Плеханов, Тургењев, Толстој, Достоевски. Го читал Балзак, Флобер. Од теоретичарите го заинтересирал Адам Смит, а посебно го одушевило делото на Маркс. Младиот Горки му пристапил на руското револуционерно работничко движење. Во него се вклучил, пишувајќи агитациони материјали, но во исто време, користејќи го својот писателски талент, палел во срцата на обесправниот револуционерен пламен. Симболичните текстови Песна за соколот, Срцето на Данко, Мајка и многу други, речито зборуваат за ангажираноста на Максим Горки на страната на пролетаријатот. Затоа властите во царска Русија го следеле. Дури и откако станал светски познат писател наидувал на големи пречки. Меѓу другото, бил поништен и неговиот избор за академик.
Во револуционерната 1905 година го затвориле во Петропавловската тврдина, од која го извлекло светското јавно мислење што се кренало протестирајќи против неговото затворање. Потоа бил присилен да емигрира. Престојувал во повеќе западноевропски земји, а најмногу се задржал во Италија. Едно време поминал во Америка. Целиот негов емигрантски живот се одвивал во знакот на една револуционерна дејност. За сето време создавал и книжевни дела. По враќањето во татковината се зближил со поетот Владимир Мајаковски.
Смрт
[уреди | уреди извор]Максим Горки се разболел, лекувајќи се во Италија. Малку подоцна станал претседател на Сојузот на советските писатели. Здравствената состојба повторно му се влошила и Горки починал во 1936 година во Москва.
Дејност и творештво
[уреди | уреди извор]Во основата, творечкиот пат на Максим Горки познава три фази: критичарите уште во она време забележале извесни романтичарски елементи во неговиот потход: романтичен патос во првите негови творби, користење на фолклорот и, пред се, инсистирање на симболиката. За Песната на стариот даб не се знае многу, освен дека не ја добила визата на критиката - што била причина Горки да го уништи својот ракопис. Но неколкуте стиха, останати во сеќавањето на Горки а кои тој одвреме навреме ги цитира по разни поводи како да ја откриваат метафорично симболичната порака што ја носела оваа стихувана творба. Првиот објавен расказ на Горки, Макар Чудра приказна за стоичката непокорност и гордост на младите Цигани Рада и Зобар, веднаш го свртел вниманието на публиката и на критиката. Поемата Девојка и смрт, поетска проза Песна за соколот, Песна за буревесникот, а потоа расказот Старицата Изергил го сочинуваат оној прв циклус од романтичарските творби на Горки, на кои навистина им се припишува влијание на романтичарската школа, но кои прифатени безрезервно како нов вид романтизам.
Во втората фаза Максим Горки навлегол со веќе здобиениот авторитет сред масите. Но тогаш започнала неговата вистинска борба за естетските квалитети. Уште во расказот Челкаш Горки се задржал на еден мошне карактеристичен животен мотив: отуѓеноста на човекот од општеството, неговото пропаѓање поради недоразбирањето со самото општество. Човекот со благородни соништа не може да го најде своето место во суровата средина, па во името на сопствената слобода ги бира тешките патишта на бездомништвото и пијанството. Со овој расказ била најавена галеријата од типови, претставници на најнискиот слој од руското општество - луѓето од дното. Така Горки на широко ги слика претставниците на речиси сите слоеви, надополнувајќи ја својата галерија со ликови од селската средина, иако преку понепознатите раскази.
Третата фаза од неговото творештво ги опфаќа делата: недовршениот роман Животот на Клим Самгин, Делото на Артомонови третиот дел од автобиографската повест Моите универзитети и други осврти и статии „за разни прашања од литературата, уметноста и естетиката“. За овој период на творештвото на Горки карактеристично е свртувањето на авторот кон животот на претставниците на буржоаската класа, анализирајќи го развојот, кулминацијата и пропаста на тој слој од руското општество во годините непосредно пред Октомвриската револуција. Од друга страна, Горки го замислил на широк план идеолошкиот судир на класите, но смртта го спречила да го заврши тоа свое монументално дело, романот Животот на Клим Самгин.
Негови најпознати дела се драмите „На дното“, „Малограѓани“, романите „Животот на Клим Самгин“, „Делото на Артанови“ и „Мајка“.
Улога и значење
[уреди | уреди извор]Максим Горки не само што ја прифатил идејата за преобразување на општеството, не само што се вклучил во активноста на политички план, туку оставил бесмртен споменик што ја симболизира борбата на пролетаријатот за уривање на власта на буржоазијата. Во него не е вграден само романот „Мајка“, не само расказите од типот на популарниот „Деветти јануари“, туку и целото негово Книжевно творештво преку кое тој го насликал животот на работниците, на бедните, на измачените, нивната стихијна борба што прераснува во организирана револуција. Тоа творештво претставува еден вид енциклопедија на руското општество од крајот на 19 век и почетокот на XX век.
Во романот „Шунка на 'ржан леб“, Чарлс Буковски го наведува Горки како еден од првите писател кои му оставиле впечаток.[1] Една песна на Никола Јонков Вапцаров се вика „Горки“.[2]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Максим Горки „Мајка“ (македонски)