Прејди на содржината

О писменех

Од Википедија — слободната енциклопедија
Страница од „О писменех“

О писменех (старословенски: , За буквите) — јазично-книжевен трактат во кој детално се разработува оправданоста за постоење на посебно словенско писмо и во кој на блескав начин се брани словенската писменост. Го напишал кон крајот на IX или почетокот на X век, не повеќе од една генерација по Моравската мисија, монахот Црноризец Храбар ( ), кој најверојатно се школувал во Преславската книжевна школа во денешен Велики Преслав, Бугариjа. Низ текстот, на отмен начин и со висок стил, во многу смирена атмосфера, Црноризец ја образложува потребата за постоење на словенско писмо, истата поткрепувајќи ја со факти. Неговото широко образование особено доаѓа до израз кога тој, Словен, ги потсетува самите Грци на околностите во кои настанало нивното писмо; настани, луѓе и факти кои се непознати за многумина од нив. Особено убав одговор дава на прашањето: Зошто им се на Словените 38 букви, кога може да се пишува и со помалку? Но, по „пребројувањето“ Црноризец констатира дека грчките книги се исполнети со 38 знака, број еднаков со бројот на букви во словенското писмо. Исто така, соодветно внимание е посветено на дискредитацијата на тријазичната ерес, според која словенскиот јазик не бил достоен за на него да се шири Словото Божје. На ова авторот само ги потсетува грчките интелектуалци дека токму Светото писмо на нивниот јазик, од хебрејски, го превеле „мнозина за многу години“, додека истото го има сторено Константин Филозоф, наречен св. Кирил „сам и за малку години“.

Следува текстот од „О писменех“[1]:

Порано, пак, Словените немаа книги, туку се служеа со рески и цртички, читаа и гатаа исто како и многубошците. А кога се покрстија, беа принудени словенските зборови да ги пишуваат со римски и грчки букви, без некое особено правило. Но како може да се пишува со грчки букви: и бгъ или жизънь, ѕѣло или цркѿвъ или члкъ или широта или шєдрѿты или юность или ѫзыкь или ıaдь и слични на тие? И така се продолжуваше многу години. (Повеќе...)

Примери од делото

[уреди | уреди извор]
„...После пак, кога поминаа многу години, се најдоа по Божја повела седумдесет мажи, што го преведоа од еврејски на грчки јазик Светото Писмо. Константин наречен св. Кирил, сам и словенските книги и букви ги преведе за малку години, а оние мнозина за многу години: седум души ги создадоа нивните букви, а седумдесет души преводот. Затоа словенските букви се посвети и подостојни за почит, оти свет маж ги створил, а грчките, пак, букви многубошци.[1]

Врвот пак на почитта, љубовта и гордоста на словенскиот народ кон своите Апостоли тој ја пренесува во делов:

...Ако пак ги запрашаш грчките книжевници: Кој ви ги створи буквите и преведе книгите? - Тоа малкумина од нив и ретко знаат за тие работи. Ако пак ги запрашаш словенските книжевници: Кој ви ги створи буквите и кој ви ги преведе книгите? - сите знаат и одговарајќи ќе кажат: Константин Филозоф наречен св. Кирил, тој нам ни ги создаде буквите и книгите ги преведе, заедно со брата си Методија. И уште се живи оние што ги виделе нив. А ако ги прашаш во кое време, знаат, и во одговор ќе речат оти тоа станало во времето на грчкиот цар Михаил, бугарскиот кнез Борис, моравскиот кнез Коцељ - во годината од создавањето на светот 6363.[1]

Иако низ целиот текст доминираат фразите „словенско писмо“ и „словенски букви“, авторот не дава никаков одговор, директен или индиректен, свесен или несвесен, намерен или ненамерен, околу тоа кое писмо всушност го создал Константин Филозоф наречен св. Кирил. Ако се суди според споменатиот број на букви, тогаш тоа би била глаголицата (која брои 38 букви без прејотираните носовки).

  1. 1,0 1,1 1,2 О писменех - целосен текст на Викиизвор.