Прејди на содржината

Пирозом

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пирозоми
Pyrosoma
Млада пирозомска колонија најдена на островот Атауро, Источен Тимор
(должина околу 1 cm).
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: Плаштари
Класа: Thaliacea
Ред: Pyrosomida
Семејство: Pyrosomidae
Род: Pyrosoma

Пирозомите (латински: Pyrosomida) се слободноживеачки плаштари кои обично живеат во горните слоеви од отворениот океан, во топлите мориња, иако некои можат да се најдат и во големи длабочини. Пирозомите се цилиндрични или конусни колонии составени од стотици или илјадници единки наречени зооиди. Големината на колониите се движи од помалку од еден сантиметар, до неколку метри во должина.

Секој зооид е само неколку mm во должина, но е всаден во заедничка желатинозен плашт која ги поврзува сите единки. Секој зооид се отвора навнатре и нанадвор од цевката, повлекувајќи ја океанската вода во својата внатрешна филтрирачка мрежа, наречена жабрена кошничка. Тука се екстрахираат микроскопските растителни клетки со кои се храни организмот, и потоа се исфрла исфилтрираната вода во околната средина. Колонијата е нерамна однадвор, при што секоја испакнатинка претставува еден зооид. Однатре е речиси мазна, со перфорации за секој зооид.

Пирозомите се планктонски организми, што значи дека нивното движење е во најголем дел контролирано од океанските и морските струи и бранови. Но, секоја колонија може полека да се придвижува со процесот на млазна пропулзија, создадена со координираното треперење на трепките во жабрените кошнички на сите зооиди, кои исто така на овој начин поттикнуваат влез на хранливи честички.

Пирозомите се светло биолуминисцентни, при што емитираат бледа синозелена светлина која може да се забележи и од десетици метри. Името Pyrosoma доаѓа од грчките зборови пиро - "оган" и сома - "тело". Пирозомите се блиски роднини на салпите, а понекогаш се нарекуваат и "огнени салпи".

Екологија

[уреди | уреди извор]

Пирозомите се полукосмополитски организми во умерените и тропските води. Најчесто можат да се забележат во површински води, но дневно мигрираат повеќе од 750 m во вертикален правец. Комуникацијата меѓу зооидите се остварува по пат на бранови од светлина долж целата колонија.

Водата поминува во секој зооид преку оралниот сифон и оди во мукусниот филтер каде фитопланктонот се филтрира. Пирозомите можат да формираат огромни роеви, што резултира во значителни количини на фекални честички. Тонечките фекални честички се многу важни за јаглеродниот внес во океанските длабочини.

Зооидите се хермафродитни, што значи дека поседуваат и семеници, и јајчници. Кај секој зооид од колонијата се оплодува едно јајце, кое израснува во четиризооиден стадиум кој го напушта родителот и започнува нова колонија бесполово по пат на пупење. Овој вид на размножување може да даде огромни роеви од пирозомски колонии кои се зависни од фитопланктонот за храна.