Прејди на содржината

Џо Бајден

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џо Бајден
Joе Biden
46. Претседател на САД
На должноста
Стапил
20 јануари 2021
Потпретседател Камала Харис
Претходник Доналд Трамп
47. Потпретседател на САД
На должноста
20 јануари 2009 – 20 јануари 2017
Претседател Барак Обама
Претходник Дик Чејни
Наследник Мајк Пенс
Сенатор
од Делавер
На должноста
3 јануари 1973 – 15 јануари 2009
Лични податоци
Роден(а) Џозеф Робинет Бајден помладиот
20 ноември 1942(1942-11-20)(82 г.)
Скрантон, Пенсилванија, САД
Партија демократ
Сопружник Нејлија Хантер (в. 1966; починала 1972)
Џил Џејкобс (в. 1977)
Установа Универзитет на Делавер (Bachelor of Arts)
Универзитет на Сиракјус (Juris Doctor)
Занимање
  • политичар
  • правник
  • автор
Потпис
Портал Транзициско мрежно место

Џозеф Робинет „Џо“ Бајден Помладиот (англиски: Joseph Robinette Biden Jr.) — американски политичар и претседател на САД. Тој го победил носителот на должноста Доналд Трамп на Претседателските избори во 2020 година и бил инаугуриран како 46. претседател на САД на 20 јануари 2021 година. Бајден е припадник на Демократската партија и бил 47. потпретседател на САД (под Барак Обама) од 2009 до 2017 година и претставник на сојузната држава Делавер во Сенатот на САД од 1973 до 2009 година.

Рани години

[уреди | уреди извор]

Џозеф Робинет Бајден помладиот е роден на 20 ноември 1942 година во Скрантон, Пенсилванија. Неговата мајка Кетрин Евгенија „Џин“ Бајден (моминско Финеган) има ирско потекло, а неговиот татко Џозеф Робинет Бајден постариот има англиско, француско и ирско потекло. Џозеф бил најстарото дете во католичкото семејство. Тој има сестра и двајца браќа.

Таткото на Џозеф првично бил богат, но претрпел финансиски неуспеси кога се родил Џозеф и неколку години семејството живеело со бабата и дедото на Џозеф од мајкина страна.[1] Градот Скрантон влегол во економски пад во 1950-тите години, поради што Бајден постариот не можел да најде стабилна работа.[2] Во 1953 година, семејството се преселило во стан во Клејмонт, Делавер, а потоа во куќа во Вилмингтон, Делавер. Таткото на Џозеф станал успешен продавач на половни автомобили.[1][2]

Џозеф го завршил средното образование во 1961 година на Академија Арчмер, приватно римокатоличко подготвително училиште во Клејмонт. Во средно училиште, Џозеф бил претседател на клас и играл за училишниот фудбалски тим.[3]

Во 1965 година, Бајден се стекнал со Bachelor of Arts степен на Универзитетот на Делавер во Њуарк, каде што студирал историја, политички науки и англиски јазик.[4]

Прв брак, правни студии и рана кариера

[уреди | уреди извор]

Во 1966 година, Бајден се оженил со Нејлија Хантер (1942-1972), студентка на Универзитетот на Сиракјус, откако била надмината неподготвеноста на нејзините родители да ја омажат за римокатолик. Церемонијата се одржала во католичка црква во округот Онондага, Њујорк.[5] Тие имале три деца: Џозеф Робинет „Бо“ Бајден III (1969-2015), Роберт Хантер Бајден (1970), и Наоми Кристина „Еми“ Бајден (1971-1972).

Во 1968 година, Бајден се стекнал со Juris Doctor степен на Правниот колеџ при Универзитетот на Сиракјус, рангирајќи се на 76-то место во неговата група од 85 луѓе.[6]

Бајден се вработил во адвокатска фирма во Вилмингтон чиј раководител бил истакнат локален републиканец, Вилијам Прикет. Бајден не се согласувал со конзервативната расна политика на тогашниот гувернер на Делавер, Чарлс Тери, кој бил демократ, па затоа го поддржал полибералниот републиканец Расел Питерсон, кој успеал да го победи на Тери. Бајден бил регрутиран од локалните републиканци, но се регистрирал како независен затоа што не го одобрувал републиканскиот кандидат за претседател на САД, Ричард Никсон.[7]

Во 1969 година, Бајден првично станал јавен бранител, но подоцна се вработил во адвокатска фирма, која била предводена од локално активен припадник на Демократската партија кој го запознал на Бајден со Демократски форум, група која се обидувала да ја реформира и оживее партијата. Бајден решил да се пререгистрира како демократ.[3][7]

Таа година, Бајден добил место во советот на округот Њу Касл, Делавер како претставник на вообичаено републиканскиот 4-ти дистрикт. Понудил либерална платформа. По влегувањето во советот, Бајден продолжил со адвокатската дејност.[8]

Изборна кампања за сенатор

Во 1972 година, Бајден го победил Џејмс Кејлеб Богс во изборната трка за претставник на сојузната држава Делавер во Сенатот на САД. Бајден бил единствениот демократ кој бил подготвен да води кампања против искусниот Богс.

Кампањата на Бајден била слабо финансирана, а шансите на Бајден да победи против актуелниот сенатор Богс биле мали.[1] Кампањата ја водело семејството на Џозеф и се потпирала на лични средби со гласачите. Платформата на Бајден се фокусирала на повлекување од Виетнам, животна средина, граѓански права, масовен транзит, порамноправно оданочување, здравство, како и незадоволството на јавноста во Делавер од „политика како и обично“. На неколку месеци пред изборите, Бајден бил далеку зад Богс, но неговата енергија, привлечното младо семејство и способноста емотивно да се поврзе со гласачите биле негов адут. Бајден победил со 50,5% од гласовите.[9]

Смрт на сопругата и ќерката

На 18 декември 1972 година, неколку недели по изборите, сопругата на Бајден и едногодишната ќерка Наоми загинале во сообраќајна несреќа во Хокесин, Делавер. Автомобилот на Нејлија бил удрен од камион со приколка кога излегувала од раскрсница. Нивните синови Бо и Хантер ја преживеале несреќата и биле пренесени во болница, Бо со повредена нога и други повреди, а Хантер со мала фрактура на черепот и други повреди на главата. Лекарите рекле дека и двајцата целосно ќе закрепнат.

Бајден размислувал да поднесе оставка за да се грижи за нив, но лидерот на мнозинството во Сенатот, Мајк Менсфилд, го убедил да не го направи тоа.[10]

Сенатор од Делавер

[уреди | уреди извор]
Џо Бајден и неговата втора сопруга, Џил

Бајден положил заклетва пред секретарот на американскиот Сенат, Френсис Валео, во болница, на 5 јануари 1973 година. Присуствувале неговите синови Бо и Хантер и други членови на семејството. На 30-годишна возраст, Бајден станал шестиот најмлад сенатор во историјата на САД.[3][11]

За да се гледа со своите синови секој ден, Бајден патувал со воз од неговиот дом во Делавер до Вашингтон и обратно, по 90 минути во еден правец, одржувајќи ја оваа навика 36 години, до неговиот последен ден како сенатор. Сепак, сообраќајната несреќа го наполнила со гнев и сомнеж во верата. Подоцна ќе напише дека чувствувал дека „Бог изигра ужасен трик“ на него и дека имал проблем да се фокусира на работата.[5]

Бајден го припишува обновувањето на неговиот интерес за политиката и животот на неговата втора сопруга, Џил Трејси Џејкобс, учителка. Тие се запознале во 1975 година, а се венчале во Њујорк во 1977 година. Имаат ќерка, Ешли Блејзер (1981).[4]

По победата на изборите во 1972 година, Бајден бил избиран за сенатор уште шест пати, сè до 2008 година. Тој постојано бил рангиран како еден од најмалку богатите членови на Сенатот на САД.

Активност во Сенатот

Во првите неколку години како сенатор, Бајден се фокусирал на заштита на потрошувачите и на прашања за животната средина. Во едно интервју направено во 1974 година, тој се опишал себеси како либерален во однос на граѓанските права и слободи, грижата за постарите граѓани и здравствената заштита, но конзервативен за други прашања како што се абортусот и воената служба.[12]

Бајден бил долгогодишен член на Комитетот за надворешни работи на Сенатот, а подоцна раководел со ова тело. Тој се спротивставил на Заливската војна во 1991 година, но го поддржувал проширувањето на НАТО во Источна Европа и интервенцијата во Југословенските војни, до тој степен што по започнувањето на Босанската војна бил меѓу првите кои барале укинување на ембаргото за оружје, со цел САД да ги снабдува Бошњаците муслимани со оружје и воена обука, како и теренска поддршка од НАТО, политика на САД во Југословенските војни позната како „lift and strike“.[13] Бајден ја поддржал резолуцијата за одобрување на Војната во Ирак во 2002 година, но во 2007 година се изјаснил против зголемувањето на бројот на американските трупи во војната.[14]

Бајден, исто така, бил претседател на Комитетот за правосудство на Сенатот од 1987 до 1995 година, занимавајќи се со превенција на криминал, граѓански слободи и слично. Бајден ги предводел напорите за донесување на најголемиот предлог-закон во историјата на САД, Законот за контрола на насилните злосторства и спроведувањето на законите (на англиски: Violent Crime Control and Law Enforcement Act), познат и како Бајденовиот закон за криминал (Biden Crime Law), усвоен во 1994 година, кој го вклучувал и Законот за насилство врз жените (Violence Against Women Act).

Во 1993 година, Бајден гласал за одредба според која хомосексуалноста е некомпитабилна со животот во војската, со што на хомосексуалците им било забрането да служат во вооружените сили.[15] Во 1996 година, Бајден гласал за Законот за одбрана на бракот (Defense of Marriage Act), со кој на федералната влада ѝ било забрането да признава истополови бракови, со што поединците во таквите бракови не можеле да добиваат еднаква заштита согласно федералните закони.[16]

Џо Бајден во Белата куќа (1987 г.)
Стремеж за претседателската функција

Во 1987 година, Бајден соопштил дека ќе се кандидира за номинацијата на Демократската партија за кандидат за претседател на САД на изборите во 1988 година. Тој бил сметан за силен кандидат поради неговата умерена слика, елоквентноста, високиот профил како претседател на Комитетот за правосудство на Сенатот и поддршката од бејби-бум генерацијата (луѓето родени две децении по завршувањето на Втората светска војна).[17]

До август 1987 година, пораките на неговата кампања биле збунувачки поради соперништво во неговиот тим.[18] Во септември истата година, Бајден бил обвинет дека направил плагијат на говор на лидерот на британската Лабуристичка партија, Нил Кинок.[19] Претходно, Бајден се користел и со извадоци од говор на Роберт Кенеди од 1967 година (за што вината ја презеле неговите помошници), кратка фраза од обраќањето на Џон Кенеди на неговата инаугурација, а две години претходно искористил и пасус на Хјуберт Хамфри од 1976 година.[20] Бајден одговорил дека политичарите често позајмуваат едни од други без да го нагласат изворот.[21]

Покрај сето ова, Бајден изнесол и неколку лажни или претерани тврдења за неговиот ран живот: дека се стекнал со три степени на колеџ, дека студирал правен факултет со целосна стипендија, дека дипломирал меѓу првата половина од неговата група, и дека марширал со движењето за граѓански права.[22] На 23 септември 1987 година, Бајден се повлекол од трката, велејќи дека неговата кандидатура е потисната од „претераната сенка“ на неговите грешки во минатото.[23]

  1. 1,0 1,1 1,2 Broder, John M. (23 октомври 2008). „Father's Tough Life an Inspiration for Biden“. The New York Times. Посетено на 24 октомври 2008.
  2. 2,0 2,1 Rubinkam, Michael (27 август 2008). „Biden's Scranton childhood left lasting impression“. Fox News. Associated Press. Посетено на 7 септември 2008.
  3. 3,0 3,1 3,2 Witcover, Jules (2010). Joe Biden: A Life of Trial and Redemption. New York City: William Morrow. ISBN 978-0-06-179198-7.
  4. 4,0 4,1 „A timeline of U.S. Sen. Joe Biden's life and career“. San Francisco Chronicle. Associated Press. 23 август 2008. Архивирано од изворникот на 25 септември 2008. Посетено на 6 септември 2008.
  5. 5,0 5,1 Biden, Joe (2008). Promises to Keep: On Life and Politics. Random House. ISBN 978-0812976212.
  6. Dickenson, James R. (22 септември 1987). „Biden academic claims 'inaccurate'. The Washington Post. Посетено на 21 септември 2020.
  7. 7,0 7,1 Leubsdorf, Carl P. (6 септември 1987). „Biden Keeps Sights Set On White House“. The Dallas Morning News. Препечатено во „Lifelong ambition led Joe Biden to Senate, White House aspirations“. The Dallas Morning News. 23 август 2008. Архивирано од изворникот 19 септември 2008.
  8. „Biden, Joseph Robinette, Jr.“. Biographical Directory of the United States Congress. Посетено на 19 август 2008.
  9. Naylor, Brian (8 октомври 2007). „Biden's Road to Senate Took Tragic Turn“. National Public Radio. Посетено на 12 септември 2008.
  10. Almanac of American Politics 2008, стр. 364.
  11. „Oath Solemn“. Spokane Daily Chronicle. Associated Press. 6 јануари 1973. стр. 11.
  12. Kelley, Kitty (1 јуни 1974). „Death and the All-American Boy“. The Washingtonian. Посетено на 8 март 2020.
  13. Gordon, Michael R. (24 август 2008). „In Biden, Obama chooses a foreign policy adherent of diplomacy before force“. The New York Times. Посетено на 5 ноември 2009.
  14. Richter, Paul; Levey, Noam N. (24 август 2008). „Joe Biden respected—if not always popular—for foreign policy record“. Los Angeles Times. Посетено на 5 ноември 2009.
  15. Epstein, Reid J.; Lerer, Lisa (20 септември 2019). „Joe Biden Has Tense Exchange Over L.G.B.T.Q. Record“. The New York Times. ISSN 0362-4331. Посетено на 15 април 2020.
  16. „U.S. Senate: U.S. Senate Roll Call Votes 104th Congress—2nd Session“. senate.gov. Посетено на 12 јуни 2019.
  17. Toner, Robin (31 август 1987). „Biden, Once the Field's Hot Democrat, Is Being Overtaken by Cooler Rivals“. The New York Times.
  18. Taylor, Paul (1990). See How They Run: Electing the President in an Age of Mediaocracy. Alfred A. Knopf. ISBN 0-394-57059-6.
  19. Dowd, Maureen (12 септември 1987). „Biden's Debate Finale: An Echo From Abroad“. The New York Times.
  20. Dowd, Maureen (16 септември 1987). „Biden Is Facing Growing Debate On His Speeches“. The New York Times.
  21. Dionne, E. J., Jr. (18 септември 1987). „Biden Admits Plagiarism in School But Says It Was Not 'Malevolent'. The New York Times.
  22. Flegenheimer, Matt (3 јуни 2019). „Biden's First Run for President Was a Calamity. Some Missteps Still Resonate“. The New York Times. Посетено на 3 јуни 2019.
  23. Dionne Jr., E. J. (24 септември 1987). „Biden Withdraws Bid for President in Wake of Furor“. The New York Times.