Прејди на содржината

Therion

Од Википедија — слободната енциклопедија
Поставата на групата Therion.

Therion е симфониска метал група од Шведска. Името Therion доаѓа од грчкиот збор θηρίον што значи ѕвер, но самото име на бендот доаѓа од албумот на Celtic Frost, То Mega Therion. Музиката на Therion покрива теми од разни митологии и е заснована на окултски концепти, антички традиции и магија. Темите се тесно врзани со верувањата на окулсткиот ред Dragon Rouge, на кој Кристофер Јонсон е член. Почнувајќи како дед метал бенд, Therion подоцна почнуваат да користат сè повеќе оркестрални елементи, создавајќи го жанрот симфониски метал.

Paris, 22/12/2007.

Историја

[уреди | уреди извор]

Blitzkrieg и почетокот на ѕверот (1987-1991)

[уреди | уреди извор]

Therion се создава во 1987 под името Blitzkrieg. Фронтменот, Кристофер Јонсон, по свирење на бас гитара само неколку месеци, станува басист и вокал на бендот. Му се придружуваат Питер Хансон на гитара и Оскар Форс како тапанар. Првобитната музика на Blitzkrieg е слична на таа на Venom и Motörhead. Бендот не издава ниедно демо и се распаѓа во 1988. Но, Јонсон не се откажува од идејата за бенд, и по неколку месеци, Кристофер и Питер Хансон повторно го формираат бендот. Јонсон го остава басот и го заменува за гитара. Бендот го менува името во Megatherion, по горенаведениот албум од Celtic Frost. Наскоро, и Оскар Форс се враќа во бендот и името е скратено на Therion, кое ќе остане непроменето. Бендот го напушта стариот звук и го заменува со музика во стилот на дед метал. Ерик Густафсон од бендот Dismember станува басист на бендот.

Therion снима 2 демо снимки: Paroxysmal Holocaust, и Beyond The Darkest Veils Of Inner Wickedness. Овие снимки се снимени само на касета. Некои 1100 копии од снимките се продадени. По овие демоа, снимката Time Shall Tell е направена, но технички и таа е демо бидејќи е објавена во локална продавница со квантитет од само 1000. Но, сепак поради овие снимки, Therion добива доволно признание и успева да склучи договор со продуцентската куќа Deaf Records.

Првите години (1991-1993)

[уреди | уреди извор]

Во 1991 Therion го издаваат својот прв албум – Of Darkness… Музиката на албумот е составена од песни напишани од Јонсон за време на осумдесеттите; иако Therion имаат напишано нови песни, одлучуваат да ги чуваат за друг албум. Of Darkness… се смета за прогресивен дед метал кој содржи многу влијанија кои за времето биле невидени во дед метал сцената. Текстот бил главно политички, во стил на раниот дед метал, пред сè Napalm Death. Инспириран од Celtic Frost и нивниот албум Into The Pandemonium, Јонсон сака да го однесе Therion далеку преку границите на дед металот, но ни самиот нема поим што ќе создаде за само 5 години.

Спогодбата со Deaf Records е само за еден албум, а Therion никогаш не биле во добри односи со куќата, па наскоро Therion се префрла на Active Records. Така, снимањето за вториот албум започнува во 1992, но Ерик Густафсон мора да го напушти бендот за да се врати во САД. Тој е заменет од Јонсон и Питер Хансон, кои наизменично свиреле како басисти. Така, Therion го издава вториот албум Beyond Sanctorum во 1992. Овдека, Therion вметнува и клавијатура и чисти вокали, а тематски се менува од политика на окултизам. Албумот е голем успех и Therion за првпат одат на турнеја низ централна Европа, главно околу Холандија и Белгија. Бидејќи Оскар Форс во ова време го очекува неговото второ дете, приморан е да се откаже од Therion и да се посвети на фамилијата. Питер Хансон исто се откажува поради здравствени причини.

Метаморфоза (1993-1996)

[уреди | уреди извор]

Напуштен од своите пријатели, само Јонсон останува како член на Therion и тој не е сигурен дали да продолжи со својот проект, особено по некои лоши критики во врска со експерименталноста на Therion. Веќе заразен од иновативноста на ова експериментирање, Јонсон не знае дали да продолжи под името Therion и како би реагирала публиката, бидејќи тој планира да ја однесе експерименталноста на ново, дотогаш невидено ниво.

Тој решава да продолжи и со нова постава (Петар Варженјук на тапани, Магнус Бартелсон на гитара, а Андреас Вал на бас), тој го создава уште поексперименталниот Symphony Masses: Ho Drakon Ho Megas во 1993. Во овој албум вклучува многу елементи необични за дед металот, па дури и дотогашната музика на Therion. Тоа малку експериментално во Beyond Sanctorum сега доаѓа до многу поголем израз. Јонсон вклучува елементи од џез музиката, традиционалниот хеви метал, па дури и од црковното пеење. Овие иновации ја губат славата на Therion во очите на некои обожаватели, но многу ги сметаат промените како подобрување.

Active Records одлучуваат да ги намалат своите операции, па затоа Therion е префрлен на Megarock Records. Новите издавачи одржуваат турнеја на Therion во Германија. Но, сепак Therion останува главно непознат бенд, а продажбата не оди добро и членовите одвај успеваат да поврзат крај со крај. Поради ова, Вал и Бартелсон го напуштаат бендот. Фредрик Исаксон е најмен како новиот басист на бендот. По некое време, Therion добиваат понуда од Nuclear Blast. Мегарок ги пуштаат Therion да си заминат без никакви финансиски или правни пречки, иако имале договор за повеќе албуми.

Финансиски поддржани од Nuclear Blast, во 1995 Therion објавуваат нов албум - Lepaca Kliffoth. Тоа што било почнато со Symphony Masses продолжува и новиот албум ја носи експерименталноста на Јонсон до следното ниво. Овој пат, Therion вклучува класичен сопран и бас-баритон, уште повеќе клавијатури, влијание од персиска народна музика и нови стилови на пеење. Со ова, Therion ги губи сите врски со своето дед метал минато

По албумов следеле неколку тури низ Европа, Аргентина и Чиле. Исаксон го напушта бендот поради проблеми со Варженјук. По неговото заминување, тој е заменет од Ларс Розенберг, кој штотуку е отпуштен од Entombed.

Бендот сепак останува главно непознат, а буџетот, нормално останува мал. Јонсон сака да реализира неколку песни кои не можел да ги оствари порано поради финансиски причини. Затоа, тој се јавува на шефот на Nuclear Blast, Маркус Штајгер и му ја објаснува ситуацијата: -“Не сакам веќе албуми засновани на мојот глас и ми требаат два хора, подобро студио, два продуцента и повеќе време во студиото – ако не, порадо би се откажал од бендот и би останал среќен со тоа што сум го постигнал досега”. За среќа, Штајгер е голем музички ентузијаст и обожавател на Therion, па се согласува на Јонсоновите барања. Гитаристот од Unanimated Џонас Мелберг се приклучува на бендот и почнува продукцијата на нивниот најважен албум.

Почеток на симфонијата (1996-1999)

[уреди | уреди извор]

Снимајќи во Хамбург, Германија, Јонсон бил сигурен дека е ова неговото ремек-дело, но и последниот албум на Therion, бидејќи сметал дека реакцијата на металските маси нема да биде позитивна. Тој верувал дека светот сѐ уште не е подготвен за тоа што следи: Theli. Уште од почетокот на снимањето, албумов доживува проблеми; Варженјук, иако гледал пооптимистички од Јонсон, планира за иднина без Therion, па затоа почнува да студира историја во универзитет. И Мелберг и Розенберг имале проблеми со алкохолот. Еден ден, Мелберг едноставно заминува од студиото, а со тоа и од бендот. Сепак, успеваат овие проблеми да ги стават настрана, барем доволно долго за издавање на Theli.

Theli е навистина каде Therion станува симфониски метал бенд. Освен два хора, доста клавијатури и различни видови на инструменти (хумористично наречени “Бармбешката филхармонија” по метро станицата која се наоѓала веднаш до студиото), Јонсон има мал вокален придонес во стилот на Lepaca Kliffoth, а останатото е направено од страна на Петар Варженјук и пејачот Ден Свано.

Во 1996, Theli е издаден. На сечие изненадување, албумот е успех. Сите критики се позитивни, продажбата станува двојно поголема од таа на Lepaca Kliffoth. Бендот доживува голем успех и наскоро добива покана за турнеја со Amorphis. Но, сепак ова го остава Јонсон загрижен, бидејќи самото снимање на албумот чинело просечно 28 000 евра, па жива свирка би чинела многу повеќе, главно поради високата цена на најмување хор. Внимателен да не ги расипе добрите односи со Nuclear Blast, Јонсон собира мала аматерска група пејачи за турнејата. Варженјук мора да се откаже од турнејата бидејќи е зафатен со своите студии, па Јонсон ги најмува Томи Ериксон како тапанар, Тобијас Сајдгард како гитарист, а Кимберли Гос како клавијатуристка.

Турнејата е успех, иако според Јонсон, ”Бендот звучел како гомно”. Сепак, бендот се соочува со многу проблеми: Розенберг е отпуштен по колапсирање на сцена, пијан. Сопранот, не можејќи да се прилагоди на животот во турнеја, почнува да зема дрога и нејзиниот хор веќе никогаш не е употребен. Подоцна, Therion организира втора турнеја, а уште подоцна, поради популарноста, и трета.

Истата година (1997) Therion за 10 годишнината издаваат уште еден албум: A’arab Zaraq – Lucid Dreaming кој содржи некои песни кои не се употребени во Theli, преработки на песни од други бендови, како и саундтрек кој Јонсон го направил за филмот “The Golden Embrace”

За првпат работите одат во корист на Therion – продажбата е повеќе од задоволителна, повеќе буџет стига од Nuclear Blast, а менаџер потпишува договор со Therion. Но, тогаш бендот е само Кристофер Јонсон плус најмени музичари. Затоа следниот албум Vovin, издаден во 1998 е технички соло проект на Јонсон, но сепак го носи името Therion. За овој албум, професионални изведувачи се најмени и снимањето е поквалитетно. Песните се помелодични од тие на Theli и по долги години на проблеми, Therion стануваат глобално признати и се првиот метал бенд да користи вистински оркестар во нивната музика. Продажбата двојно се покачува и бендот станува најпродаваниот проект под закрила на Nuclear Blast.

Екстензивна турнеја следи, која покрива голем дел од Европа. По турнејата, најмениот тапанар Сами Карпинен станува официјален член на бендот. Со овој нов состав, во 1999 бендот издава мини-албум наречен Crowning Of Atlantis. Неколку преработки на песни од други бендови, како и снимки во живо се додадени по инсистирање на менаџментот, за да додадат на должината на албумот.

Реинкарнација (1999-2001)

[уреди | уреди извор]

Преку Сами Карпинен, Кристијан Ниман се придружува како гитарист, додека басот го покрива неговиот брат Јохан. Така, чувството на бенд се враќа повторно.

Со новиот состав, во 2000 новоформираниот Therion го издаваат албумот Deggial кој доживува голем успех. Песните преостанале од Vovin, па браќата Ниман не можеле да дадат контрибуција на музиката. Затоа, и Deggial е еден вид на соло проект, но свирен од постојан бенд. Музиката на Deggial е многу покомплицирана од таа на Vovin, овој пат Therion користи целосен оркестар. Иако критиките се главно добри, музиката е потешка за слушање и за некои слушатели песните се премногу комплексни. Сепак, продажбата е подобра од таа на Theli.

По албумот следи и турнеја во која биле користени голем број на музичари. Меѓу нив, Андерс Егберг остава најголем впечаток на публиката и, бидејќи никој од публиката не знаел како се вика, го добива прекарот “ќелавиот кул тип на кој никој не му го знае името”.

По успехот на Deggial Јонсон пишува 7 нови песни за следниот албум, но одеднаш решава дека бендот би требало да направи албум со нордиска тематика. Затоа, тој ги остава овие 7 песни за другпат, а наместо нив, тој користи 2 песни наменети за друг проект кои никогаш не успеал да ги реализира (за кои браќата Ниман тврделе дека се премногу добри да не се искористат преку Therion) кои одговарале на концептот. За два месеца, Јонсон, инспириран од нордиската народна музика, завршува со нови 9 девет песни засновани на нордиската космологија. За снимање на овој албум, Јонсон гради сопствено студио. Умот зад изградбата е Карпинен и тој е главниот музички инженер на албумот. Албумот излегува во 2001 под името Secret Of The Runes.

Уште посложен од Deggial, Secret Of The Runes прима мешани коментари и многу слушатели се збунети од комплексноста на музиката. Но, сепак Secret Of The Runes се смета за еден од најдобрите албуми на Therion на сите времиња. По турнејата на овој албум, Карпинен решава да го напушти местото како тапанар на бендот и целосно да се посвети на музичкото студио. По негова препорачка, Ричард Евенсенд станува нов тапанар на бендот.

Во 2002, како 15 годишнина на Therion е издадено ново ЦД со снимки во живо под името Live In Midgård

Therion денес

[уреди | уреди извор]

По Secret Of The Runes, Јонсон се враќа на песните кои ги оставил пред албумот. Во меѓувреме, бројот на овие песни постепено растел и со контрибуции на браќата Ниман, Јонсон открива дека има 55 нови песни, иако некои од нив незавршени. По дискусија, членовите одлучуваат дека имаат доволно материјал за три нови албуми, кои би требало да се создадат веднаш, инаку бројот на песни повторно би се зголемил.

Во мај 2004, два од овие три албуми излегуваат, имено Lemuria и Sirius B и се производ на некои 170 различни музичари и 9 месеци на снимање. По овие албуми, Евенсенд го напушта бендот и е заменет од Петер Карлсон кој исто така е и добар текстописец.

Therion останува како еден од најлегендарните метал бендови во историјата. Присутен на сцената скоро 20 години, овој бенд го популаризира жанрот на симфонискиот метал, кој има најголема мејнстрим популарност од сите жанрови на металот. Therion со својата експерименталност постојано ги шири границите на метал музиката, секогаш носејќи ја својата музика до следното ниво. И покрај огромната историја на бендот, тој сѐ уште ветува многу и несомнено ќе продолжи по својата одисеја, засекогаш носејќи ја својата музика до крај. И покрај 20-те години постоење, времето на Therion сѐ уште не зашло и иднината на овој чуден бенд е сѐ уште светла.

Сегашен состав:

Поранешни членови:

Дискографија

[уреди | уреди извор]
  • Of Darkness... (1991)
  • Beyond Sanctorum (1992)
  • Symphony Masses: Ho Drakon Ho Megas (1993)
  • Lepaca Kliffoth (1995)
  • Theli (1996)
  • A'arab Zaraq - Lucid Dreaming (1997)
  • Vovin (1998)
  • Crowning of Atlantis (1999)
  • Deggial (2000)
  • Secret of the Runes (2001)
  • Live in Midgård (2002)
  • Sirius B (2004)
  • Lemuria (2004)
  • Gothic Kabbalah (2007)
  • Sitra Ahra (2010)
  • Les Fleurs du Mal (2012)
  • Beloved Antichrist (2018)
  • Leviathan (2021)
  • Leviathan II (2022)
  • Leviathan III (2023)