А7В
А7В бил единствениот тенк, кој бил направен во Првата светска војна од страна на Германија.[1] Развиен кон крајот на војната, тој имал многу мало влијание врз војната поради малиот број на производство, само 20 парчиња.
Историја
[уреди | уреди извор]По првата употреба на британскиот тенк Марк 1 на западниот фронт, во септември 1916 година, во рамките на германското министерство за војна бил формиран одделот 7, задолжен за транспорт.[2] Проектирањето и изработката на првиот германски тенк му биле доверени на резервниот капетан и инженер Јозеф Фолмер. Возилото требало да има маса од околу 30 тони, да биде способно да совлада ровови широки до 1,5 метри, да биде вооружено во топови и митралези со предно и задно поле на дејствување, како и да постигнува максимална брзина од 12 км/ч. Делот за движење бил изграден врз основа на шасијата на тракторот од марката Холт. Откако биле претставени првобитните планови пред армијата во декември 1917 година, конструкцијата на шасијата била прилагодена за универзална намена, за да може да биде искористена не само за изработка на тенкови, туку и за неоклопни транспортни возила.
Фабриката за мотори Дајмлер во Берлин-Мариенфелде го изработила првиот прототип кој бил тестиран на 30 април 1917 година. Дрвената макета била завршена во мај 1917 година, и била демонстрирана во Мајнц со товар од 10 тони, што ја симулирал тежината на оклопот. Во текот на завршните тестирања, бил отстранет топот кој бил свртен наназад, а бојот на митралези бил зголемен на шест. Првиот примерок на тенкот А7В бил произведен во септември 1917 година, а првиот сериски примерок во октомври 1917 година. Тенковите им биле дадени на Јуришните тенковски единици 1 и 2, кои биле формирани на 20 септември 1917 година. Секоја од овие единици била составена од 5 офицери и 109 подофицери и војници.[3]
Името на тенкот било кратенка за седмиот отсек на Министарството за војна. На германски јазик, тенкот го носел името Sturmpanzerwagen, во превод јуришно оклопно возило.
Особености
[уреди | уреди извор]А7В бил долг 7,34 метри, широк 3 метри и висок 3,3 метри. Оклопот го сочинувале челични плочи со дебелина од 20 mm на страните, 30 mm од предната страна и 10 mm од задната страна и 5 мм на покривот.[3] За оклопот не бил користен кален челик, поради што оклопната заштита била слаба. Оклопот бил доволно силен да заштити од пушка и митралез, но не и од оружје со поголем калибар.
Посадата била составена од 17 војници и еден офицер: командир, обично поручник според чинот, возач, механичар, везист, дванаесет пешадијци (шест митралесци и шест помошници) и двајца топџии.
Вооружување
[уреди | уреди извор]А7В бил вооружен со шест митралези МГ08 од калибарот 7,92 mm и со топ Максим-Норденфелт, калибар 5,7 cm, монтиран на предниот дел на тенкот. Некои од овие топови биле од британско производство кои биле претходно заробени во Белгија, а некои биле заробени во Русија, и биле руско производство.
Борбена употреба
[уреди | уреди извор]Канал Св. Квентин
[уреди | уреди извор]Тенкот А7В првпат бил употребен во борба на 21 март 1918 година. Пет тенкови од првата чета под команда на капетанот Грајф биле ангажирани северно од каналот Св. Квентин. Три тенка поради механички проблеми не улествувале во борбата, но затоа останатите тенкови успешно го запреле британскиот пробој.
Виер-Бретон
[уреди | уреди извор]Првиот судир во историјата меѓу тенкови се случил на 24 април 1918 година, кога три тенка А7В заедно со возило со број на шасија 561, познато по името „Никсе“, во текот на поддршката на пешадијата се судриле со три британски тенка Марк IV (два тенка женска верзија наоружани само со митралези и еден тенк машка верзија наоружан со два топа од 6 фунти) во близина на Виер-Бретон. Во текот на битката, биле оштетени тенковите на двете страни. Според сведочењето на командирот на британскиот тенк, поручникот Френк Мичел, женскиот тенк Марк IV се повлекол од борба откако бил оштетен од германски противоклопни гранати. Потоа Мичел го нападнал водечкиот германски тенк со кој командувал поручникот Вилхелм Блиц,[4] и го уништил. Германскиот тенк бил погоден трипати, а петтемина членови на екипажот биле убиени при обид да го напуштат возилото. Останатите два германски тенка се повлекле од борбата.
Други употреби
[уреди | уреди извор]Во мај, тенковите А7В кои учествувале во напад на француските сили блиску до Соасон, во текот на Третата битка на Ена, не биле во можност да го совладаат широкиот ров, кој војниците го нарекувале „Дарданели“.[5] Кај Ремс, на 15 јули, во текот на Втората битка на Марна, Германците употребиле осум тенкови А7В и дваесет заробени тенкови Мк IV против француските линии. Иако 10 тенкови Мк IV биле изгубени во акцијата, ниеден А7В не бил уништен.
Последната употреба на тенковите А7В во Првата светска војна се случила на 11 октомври 1918 година во текот на една мала и успешна акција во близина на Иви.
А7В не бил сметан за успешен модел, поради што Германија планирала производство на други модели на тенкови. Поради малиот број од само 20 произведени тенкови А7В, нивното влијание врз текот на војната се смета за незначително. Најголем број од тенковите што ги користеле германците во Првата светска војна, биле заробени британски тенкови Марк IV.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Tucker 2004, стр. 24-25
- ↑ Zaloga 2006, стр. 7
- ↑ 3,0 3,1 Hundleby & Strasheim 1990, стр. 23, 34, 61, 79
- ↑ Forty 1995, стр. 39-47
- ↑ Foley 1967, стр. 12
- ↑ Koch 1994
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„А7В“ на Ризницата ? |
- A7V
- German A7V "Sturmpanzer" Landships
- A7V in A7V "Sturmpanzer" Polish Forces
- German A7V/U Tank
- First Panzers 1917-1918 Архивирано на 10 јануари 2010 г.
- General Information on World War I Tanks
- Memoir of the British/German tank battle
|