Иштван Еркењ
Иштван Еркењ (унгарски: Örkény István, 5 април 1912, Будимпешта, Унгарија - 24 јуни 1979, Будимпешта, Унгарија) бил современ унгарски писател, драматург и сценарист.
Животопис
[уреди | уреди извор]Иштван Еркењ е роден на 5 април 1912 година во Будимпешта како прво дете на Хуго Еркењ и Маргит Пето. Татко му бил познат аптекар. Во 1917 година се родила сестра му Мариан. Во 1918 година се запишал во основното евангелиско училиште на Деак Тер. Во 1922 година се запишал во гимназијата на Пиаристите каде што матурирал во 1930 година. Од 1930 до 1932 година студирал на Политехничкиот факултет во Будимпешта, на насоката за хемиски инженер. Од 1932 до 1934 година студирал фармација на универзитетот Петар Пазмањ во Будимпешта, каде што дипломирал. Во 1935 година се пријавил на курс за резервен офицер. Во 1937 година се оженил со Флора Гончи. Во текот на 1938 година патувал во Лондон и во Париз, живеејќи од разни привремени работи. На 30 август 1939 година, со последниот воз се вратил дома, непосредно пред почетокот на Втората светска војна.[1]
Периодот на Втората светска војна
[уреди | уреди извор]Во текот на 1939-1941 година повторно студирал политехника и овојпат се здобил со диплома за хемиски инженер. Истовремено, меѓу 1940 и 1941 година повеќепати бил повикуван во резервниот состав на армијата како санитетски офицер. Во 1941 година го напуштила жена му. Во 1942 година, повторно бил повикан во резервниот состав на армијата, но поради неговото еврејско потекло му бил одземен офицерскиот чин. Потоа, Еркењ бил испратен на принудна работа во Вороњеж, во состав на Втората унгарска дивизија. Во јануари-февруари 1943 година, во Битката за Вороњеж, поголемиот дел од Втората унгарска дивизија бил уништен и Еркењ бил заробен од страна на Црвената армија. Оттука, во текот на 1943 и 1944 година, тој се наоѓал во воено заробеништво во Тамбов, а од 1944 до 1946 година престојувал во логорот за воени заробеници во Красногорск, каде што работел како помошник во "партиската школа за превоспитување". Истовремено, Еркењ бил еден од уредниците на весникот на воените заробеници "Збор на вистината".[2]
Враќањето од заробеништво
[уреди | уреди извор]На 26 декември 1946, Еркењ се вратил во Будимпешта, каде што ги затекнал живи сите членови на неговото семејство. Во 1947 година станал член на Унгарската комунистичка партија и се вработил како драматург во еден театар, а истовремено добил редовна рубрика во весникот "Утро". Во 1948 година, Еркењ се оженил по вторпат, со Ангела Наѓ. Следната година, тие ја добиле ќерката Ангела. Во 1950 година, Еркењ добил функција на партиски активист во сојузот на писателите, а истовремено, тој работел во фабриката на MAVAG. Истата година, умрел татко му. Во 1954 година, на Еркењ му се родил синот Антал. Во текот на 1955 година, Еркењ патувал низ Чехословачка.[3]
Преминот во опозицијата
[уреди | уреди извор]По антикомунистичките демонстрации и воените нереди во Унгарија, Еркењ се оддалечил од комунистичката партија и преминал на страната на опозицијата. Така, во декември 1956 година, Еркењ го напишал воведниот говор за "Слободното радио Кошут", а во текот на 1957 и 1958 година учествувал во штрајкот на писателите. Како последица на тоа, му биле забранети јавните настапи. Во 1958 година, Еркењ работел како инженер-хемичар во една фабрика за лекови и прехранбени концентрати. Истата година, тој се развел и од втората жена. Во 1959 година се запознал со драматургот Жужа Радноти, а во текот на 1959 и 1960 година, поради артритис, двапати одел на операција. Во 1963 година, Еркењ дал отказ од фабриката за лекови, а во 1965 година се оженил со Жужа Радноти. Во 1968 година, Еркењ претрпел тежок инфаркт.[4]
Болеста и смртта
[уреди | уреди извор]На 25 јануари 1979 година, Еркењ го напишал својот тестамент. Истата година, тој бил опериран на клиниката за нервна хирургија поради скршен пршлен на ’рбетниот столб. На 24 јуни, истата година, умрел Еркењ.[5]
Творештво
[уреди | уреди извор]Еркењ е еден од најголемите унгарски писатели по Втората светска војна. Тој е особено ценет по своето дело "Едноминутни новели", кое доживеало голем број изданија, така што во Унгарија, тоа се смета како посебен жанр, како нов вид прозна форма. Со ова дело, Еркењ извршил огромно влијание врз современиот унгарски јазик и општественото мислење.[6]
Така, за значењето на Еркењ, познатиот унгарски писател Петер Надаш рекол:
"Ако постои некоја голема илустрирана книга за унгарската историја, тогаш Едноминутните новели се објаснувања под илустрациите."
Предвоениот период
[уреди | уреди извор]Своите први книжевни обиди Еркењ ги направил во 1920-тите, за време на своите гимназиски денови. Сепак, посериозно започнал да се занимава со пишување во 1930-тите години кога работел како уредник и спонзор на списанието "Kereszmetszet". Во текот на 1936 и 1937 година биле објавени неговите први песни и новели. Во 1937 година, Антал Серб дал препорака за неговиот роман "Полусон", издавачката куќа "Реваи" не го објавила романот. Истата година, во бројот јули-август на списанието "Убав збор" била објавена неговата новела "Револуција", лекторирана од Јожеф Атила. Во 1941 година, Еркењ ја објавил својата прва збирка раскази "Морска игра", која ја финансирал сам. Во периодот 1944-1946 година, за време на престојот во логорот за воени заробеници во Красногорск, Еркењ подготвил пет книги.[7]
Периодот на шематизмот
[уреди | уреди извор]Во 1946 година излегла од печат неговата книга "Додека се враќавме". Следната година ги објавил и делата "Луѓето на логорите" и "Вороњеж", кои биле напишани за време на заробеништвото. Во 1948 година била прикажана неговата пиеса "Жичиевата палата", напишана заедно со Миклош Ѓарфаш. Во 1949 година, на сцената била поставена и неговата втора пиеса "Вороњеж". Во 1950 година, како активен член на комунистичката партија, во весниците "Слободен народ" и "Книжевен весник", Еркењ објавувал репортажи од изградбата на Сталинварош (денешен Дунајварош). Во периодот 1951-1953 година, ги објавил збирката раскази и репортажи "Луѓето кои стануваат рано" и текстот "Сопрузи".[3]
Еркењ како писател-опозиционер
[уреди | уреди извор]Во 1953 година, Еркењ направил голем пресврт во своето творештво, бидејќи раскинал со шематизмот и преминал во кругот на писателите-опозиционери. Во 1954 година ја објавил збирката раскази "Во снежното невреме", а во 1956 година излегла од печат збирката скечеви "Сребрена пастрмка". Во втората половина од 1950-тите, поради судирот со власта, на Еркењ не му било дозволено да објавува, така што дури во 1962 година, повторно почнал да објавува раскази во списанието "Ново писмо". Следната година, во списанието "Живот и литература", Еркењ го објавил текстот "Кафетеријата Нијагара", кој наишол на остри политички критики. Истовремено, по нарачка на едно филмско студио, тој ги направил првите филмски сценарија - "Мачкина игра" и "Семејството Тот". Во 1966 година излегле делата "Принцезата од Ерусалим" и "Мачкина игра" (краток роман). Во текот на 1967 година, драмската верзија на "Семејството Тот" се прикажувала во Унгарија и во странство. Исто така, била објавена збирката раскази "Младоженци на меден месец во муволовка".[4]
Зрелата фаза во творештвото и славата
[уреди | уреди извор]Во 1968 година излегло од печат првото издание на "Едноминутни новели" - дело кое му донело голема слава и кое понатаму доживеало бројни изданија. Во 1969 година бил прикажан филмот на Золтан Фабри "Добредојдовте господине мајоре", направен според делото "Семејството Тот". Истата година, Еркењ ја завршил драмата "Пишти во крвавата бура", но таа била забранета за прикажување. Во 1970 година, делото "Едноминутни новели" доживеало преводи на: англиски јазик, француски јазик, холандски јазик, фински јазик, српски јазик, романски јазик, бугарски јазик, естонски јазик, чешки јазик, словачки јазик, полски јазик, грузиски јазик итн. Во 1971 година била прикажана драмата "Мачкина игра", која доживеала премиери и во САД, како и во неколку европски земји. Истата година,започнало издавањето на неговите собрани дела. Во 1974 година, на сцената била поставена неговата драма "Крвни врски", а следната година и драмата "Во потрага по клучот". Во 1979 година, конечно доживеала премиера дрмата "Пишти во крвавата бура". Истата година, за време на престојот во болницата, Еркењ го напишал своето последно дело - драмата "Сценарио".[8]
Признанија
[уреди | уреди извор]- Награда „Јожеф Атила“ (1955)
- Награда „Јожеф Атила“ (1967)
- Награда за црн хумор (Париз, 1970)
- Награда „Кошут“ (1973)[9]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 149-150.
- ↑ Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 150-151.
- ↑ 3,0 3,1 Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 151-152.
- ↑ 4,0 4,1 Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 152-153.
- ↑ Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 154.
- ↑ "Белешка за авторот", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 147.
- ↑ Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 149-151.
- ↑ Златко Панзов, "Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото", во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 153-154.
- ↑ Златко Панзов, „Иштван Еркењ - Хронологија на животот и делото“, во: Иштван Еркењ, Едноминутни новели. Скопје: Темплум, 2005, стр. 149-154.
|